Тинејџер од Мелбурн изврши самоубиствен напад во Ирак

Еден австралиски тинејџер од Мелбурн загина како бомбаш-самоубиец во Ирак, борејќи се на страната на џихадистите од групата Исламска држава (ИД), соопштија австралиските власти, пренесе МИА.

Осумнаесетгодишниот Џејк Биларди минатата година заминал од Австралија, преку Турција за Блискиот Исток, за да им се приклучи на џихадистите.

Во еден разговор за Би-Би-Си, емитуван во декември минатата година овој австралиски тинејџер отворено зборува за својата намера „да умре како бомбаш-самоубиец“ и дека во Ирак заминал „за да стане маченик“.

Меѓу џихадистите го сменил своето име во Абу Абдулах ал-Аустрали, а неговото бегство, од Мелбурн дефинитвно е потврдено од снимка поставена на интернет, на која се гледа Биларди (Ал Аустрали) заедно со џихадистите.

Во разговорот за Би-Би-Си тој тврди дека џихадистите не барале од него да стане бомбаш-самоубиец и дури му зборувале дека не мора да се жртвува, туку дека одлуката за тоа е само негова.

Австралиските власти веруваат дека Биларди е еден од 13-те бомбаши-самоубијци кои извршија координиран терористички напад врз 13 локации во ирачкиот град Рамади во западната провиниција Анбар, при што загинаа десетици луѓе, а многу повеќе беа ранети.

Претставник на Исламскиот младински центар во Мелбурн за локалните медиуми изјави дека младиот Биларди бил мирно и повлечено момче.

Австралискиот премиер Тони Абот изрази шокираност од сознанието дека еден бомбаш-самоубиец во Ирак е државјанин на Австралија и многу млад човек.

– Ова е навистина страшно, ова е апсолутно застрашувачко, изјави Абот, вчудоневиден од постапката на тинејџерот Биларди.

Според сознанијата на австралиските безбедносни власти, околу 90 Австралијанци се борат со џихадистите во Ирак или Сирија, но се стравува дека таа бројка може да е поголема. Владата во Канбера донесе закон со кој војувањето во редовите на ИД е кривично дело за што следува затворска казна до десет години.

фото: МИА