„Тинекс“ ќе гради деловен објект во Прилеп

Градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески и сопственикот на компанијата „Тинекс“, Владимир Тодоровиќ денеска потпишаа купопродажен договор за градежно неизградено земјиште во центарот на градот  на местото на поранешниот „Млечен пазар“ од околу 1.800 метри квадратни.

Просторот го купи фирмата „Тинекс“ од Скопје за да изгради деловен објект со корисна површина од околу 3.000 метри квадратни, со што, како што информира градоначалникот Ристески, локалната самоуправа во буџетот инкасира близу 29 милиони денари.

– Прилеп ќе добие современ трговски центар, ќе се вработат луѓе, а таа улица во центарот на градот ќе добие посебен трговски шмек. Продажбата е за околу 29 милиони денари. Осумдесет отсто се за буџетот на локалната самоуправа, а 20 проценти за државниот буџет. Дополнително, во рок од 9 месеци во локалниот буџет инвеститорот, компанијата „Тинекс“, ќе ги уплати и парите од комуналиите, рече Ристески.

Ристески објаснува дека ова е повторна продажба на земјиштето. Првата продажба, иако беше успешно завршена со фирмата „Кам“, сепак  зафатот пропадна зашто не беа уплатени парите за комуналиите во рокот од 9 месеци.

Според сопственикот на „Тинекс“ Тодоровиќ компанијата  прв пат ќе има свој простор во еден од градовите кои се развиваат. Инвестицијата ќе биде помеѓу два и три милиона евра.

– Се надевам дека тоа ќе ги задоволи вкусовите на граѓаните. Очекувам инвестицијата да биде од 2 до 3 милиона евра во зависност од проектот за објектот. Можеби ќе дојдеме до простор од 2.000 метри квадратни надземно и со можни две нивоа под земја. Ако има максимум 3.000 метри квадратни корисен простор надземно, тоа би било уште подобро за градот. Во тој случај комуналиите би чинеле околу 150.000 евра. Заедно со сумата што сега му се уплаќа на градот за земјиштето, ќе се стигне до износ од околу 500.000 евра што секако градот корисно ќе ги употреби за решавање на инфраструктурните проблеми. Градбата ќе даде придонес за економијата и за новите вработувања. Планираме околу 50 работни места, рече Тодоровиќ.

За претседателот на Регионалната стопанска комора и претседател на управниот одбор на прехранбената индустрија „Витаминка“ Симон Наумоски ова е нов импулс за трговијата, но и за локалната економија.

–  Многу е добро што се потпиша овој договор. Тоа претставува нов импулс за ширење на трговијата и можности за пласирање на производите од локалната економија, вклучувајќи ја и прехранбената индустрија „Витаминка“, рече Наумоски.