недела, 28 мај 2017  |  Вести денес: 2

Типски населби за реализација на проектот „Купи куќа за млади“

tipski-naspebi

Поврзани вести

Новата типска населба „Јака“, која веќе се гради во општина Илинден е пилот-проект предвесник на проектот „Купи куќа за млади“, кој треба да им помогне на сите, а особено на младите кои сакаат да го решат своето прашање за домување под многу поволни услови.

Ова го изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по посетата на оваа населба во општина Илинден.

Тој информира дека идејата за ваков вид населба потекнало од еден негов разговор со градоначалникот на Илинден, за луѓето да можат да си изградат куќи, така што земјиштето да го купат по симболични цени, со многу ниски комуналии и да имаат локации, бидејќи, вели, освен цената на земјиштето и цената на комуналиите проблем беше да се најдат локации за изградба на куќи за стотици граѓани.

Градоначалникот ја прифати оваа идеја. Во 2012 ги започна сите потребни процедури за урбанизирање на земјиште, потоа направи типски проекти кои ги понуди на интернет за да може граѓаните кои немаат пари за изработка на таков проект од архитектонска куќа, да ги искроистат. Министерството за транспорт направи и ќе направи уште нови седум за новиот проект Купи куќа за млади, рече Груевски.

Од 500 локации во типската населба 490 веќе се продадени при што 80 куќи се изградени  барем во фаза на карабина, а многу  други почнуваат да се градат. Паралелно на тоа општината веќе ги гради улиците, водоводите, итн, рече Груевски и најави можност за помош во делот на инфраструктурата и од Владата од Програмата за рурален развој.

Иако овој проект е започнат пред проектот „Купи куќа за млади“ на некој начин ова е предвесник на тој проект. Веќе со градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ  низ цела Македонија правиме план како проектот брзо да се развие, а оваа локација тука и дел во Петровец се пилот проект од кој секој може да види како тој ќе изгледа, како ќе се развива и колку луѓето се задоволни од тоа. Јас навистина, поминувајќи тука покрај овие куќи, видов среќни и задоволни луѓе од можноста, која им се даде да добијат евтина локација, ниски комуналии и генерално да најдат локација за својата куќа која нема да биде дивоградба, туку урбанизирана со сите дозволи, да имаат мирен сон и да не се тревожат дали некој ќе им ја сруши куќата, посочи Груевски.

Она што е важно, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, е што за новиот проект Купи куќа за млади, за кој веќе се донесоа законски измени  се предвидува во секоја општина каде што градоначалникот е од ВМРО-ДПМНЕ да има понуда.

Градоначалникот на Илинден планира најмалку илјада нови локации од кои 850 ќе  бидат лоцирани веднаш до оваа населба, а од другата страна на автопатот на влезот од Ајватовци, до слободната економска зона Бунарџик ќе има уште 150 локации. Доколку овие локации се продадат наскоро ќе има и нови локации. Тоа е извонредна можност за младите за секој млад човек кој сака да си го реши своето прашање за домување и тука помагаме максимално, нагласи Груевски.

Во типската населба во Илинден е предвидено да се изградат и училиште, амбуланта, детска градинка и трговски центар. Предвидена е и локација за хотелски комплекс која е веќе продадена. Цената на комуналиите е две евра за квадрат, а почетна цена за земјиштето е едно евро за квадрат. Парцелите се со површина од 450 до 500 метри квадратни.

Најчитани вести