ТИРЗ- Скопје број 1 во Европа

Технолошко индустриската развојна зона (ТИРЗ) во Скопје е број еден економска зона во Европа и по квалитет и по искористеност за големи корисници, објави Економски.мк.

FDI магазинот ја прогласи индустриската зона во Скопје за заеднички победник во категоријата на големи корисници во Европа. Со тоа Бунарџик се здоби со уште едно признание од овој престижен магазин.

Целокупниот искористен простор во зоната се зголеми на 39% во периодот помеѓу 2012 и 2013 година изнесувајќи 480.000 квадратни метри, односно 53.211 квадратни метри по корисник. Компаниите доаѓаат од различни гранки на тешката индустрија како автомобилската индустрија, производство на хидраулични делови и производство на електрична и медицинска опрема, стои во образложението од Магазинот.

Зоната продолжи да ја развива својата целна маркетинг стратегија за привлекување на компании, што придонесе до нејзино значително зголемување во однос на искористениот простор. Преставниците од зоната активно учествуваат на бизнис конференции и други меѓународни настани кои се однесуваат на конкретни сектори, истовремено промовирајќи ги поволностите кои ги нуди Македонија за инвестирање, како и економскиот развој на земјата во меѓународните печатени и електронски медиуми, објави FDI.

Во прашалникот за пријавување од ТИРЗ наведоа : „Доказ за нашата посветеност кон постигнување на најдобри резултати е тоа што во 2013 година сегашниот британски корисник, компанијата Џонсон Мети објави дека повторно ќе инвестира во Македонија и двојно ќе го зголеми својот капацитет. Италијанската компанија ТекноХозе исто така реши повторно да инвестира, зголемувајќи го тројно својот капацитет. Овие две компании не беа единствените што донесоа ваква одлука – британската Џонсон Контролс и руската Продис исто така повторно инвестираа.“

Наградата ДТИРЗ ја доби во конкуренција од 45 економски зони во светот вклучувајќи и 17 од Блискиот Исток и Северна Африка. Зоните се рангирани во две категории според регионот каде работат и тоа: “Најдобри зони за големи корисници и Најдобри зони за МСП”.

Критериумите за избор според FDI се: Зголемување на бројот на компании кои инвестирале во зоните, раст на зоната и имплементација на нови стандарди кои и даваат конкурентна предност и извозот од зоните.

-„Ќе продолжииме да постигнуваме голем напредок и во иднина и да ги надминуваме досегашните достигнувања во привлекувањето на мултинационални компании со цел да започнат да работат и да се прошируваат во Македонија.“, изјави Виктор Мизо, Директор на ДТИРЗ.

Дека зоните во Македонија се најконкурентни за инвестирање покажа и претходното рангирање од страна на FDI магазинот.
Имено зоната Бунарџик во Скопје е број еден по критериумот на ценовна ефективност во категоријата на мали градови во Европа.
Зоните во Штип и Велес исто така го заземаа првото односно второто место по критериумот ценовна ефективност во категоријата на микро градови во Европа. Зоната во Охрид е рангирана како број еден зона критериумот ценовна ефективност во категоријата на европски региони.