Тодориќ ќе се врати во Хрватска кога ќе собере докази во негова полза

Поранешниот претседател на концернот „Agrokor“, Ивица Тодориќ, на неговиот блог во неделата порача дека ќе се врати во Хрватска кога ќе има релевантни докази со кои ќе се спротистави на заедничкиот злосторнички потфат на дел од политичката елита и нивните помошници, откако вчера беше распишана меѓународна потерница по него.

„За да ме спречат да соберам докази и документација против нив лично, брзоплето составија срамна кривична пријава за да ме притворат. Штом завршам со собирање на релевантни докази ќе се вратам во Хрватска за да се спротиставам на заедничкиот злосторнички потфат на политичките елити и нивните помошници кои се кријат зад државните институции“, вели Тодориќ.

Загрепското Жупаниско обвинителство вчера распиша потерница по Тодориќ против кого е одреден истражен затвор и покрената истрага за незаконско стекнување на милијарда и 142 милиони куни. Во истрагата се опфатени и неговите синови, Иван и Анте Тодориќ, и 12 менаџери на „Agrokor“ и ревизори.