Тодоров: 1227 населени места ќе добијат здравствена заштита во наредниов период

„Факт е дека оваа година имаме спроведено многу проекти, многу реформи, имаме започнато работи кои веројатно порано и не можеле да се замислат, на пример од типот на неонатална кардиохирургија, гасификацијата на Клиничкиот центар, „рурален доктор“, „дисперзирана клиника“, „Мој термин“, но остануваат уште многу работи кои треба да се подобрат и на кои мораме да бидеме фокусирани во наредниот период,“ вели во интервјуто за МИА, министерот за здравство, Никола Тодоров, кој истакна дека здравството и во 2014-та ќе биде владин приоритет.

„Има многу работа во здравството, област која не можеш да кажеш дека комплетно си ја средил. Не постои таков здравствен систем, земете го швајцарскиот, францускиот, германскиот, канадскиот, сингапурскиот или хонгконгшкиот здравствен систем, тоа се најдобро организираните здравствени системи во светот, но сепак имаат проблеми, имаат предизвици кои мора да ги решаваат на дневна, неделна или на годишна основа. Во здравството има многу работа и ќе има уште многу работа. На нас е да не застанеме со проектите, да најавуваме, да имплементираме и да се грижиме добро да се спроведуваат,“ вели меѓудругото Тодоров.