Тодоров: Договорот е законски склучен со фирма основана од едно лице

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска оцени дека склучениот договор со фирмата „Визарис ДООЕЛ“ е целосно во согласност со законот. Тодоров не се согласува со промените кои се настанати по склучувањето на договорот и кои, како што рече, довеле до неетична ситуација.

Во Министерството за здравство во последните неколку години континуирано внимаваме на целосна транспарентност на сите јавни набавки. Внимаваме јавните набавки да се спроведуваат целосно во согласност со позитивните законски прописи, рече Тодоров.

Во врска со овој случај, Тодоров објасни дека станува збор за објавен меѓународен тендер на кој учествувале поголем број на компании.

„ Тоа е една рамковна спогодба во која е предвидено да се набават нови дигитални рентген апарати или дигитализација на постојни апарати, со што треба да се замени набавката на филмовите. Надлежни контролни тела во државава пред неколку месеци имаат направено детална контрола на работењето на Министерството за здравство, особено во делот за јавни набавки. Исконтролиран е и овој тендер и е констатирано дека нема никакви законски повреди, ниту на постапката, ниту на било кој друг пропис. Постапката е целосно законски спроведена“, рече Тодоров.

Додаде дека во овој тендер има намалување 28 пати во текот на електронската аукција на цената.

„Првичината понудена цена од една позната компанија била околу 100 милиони денари. Наддавањето е почнато од понудена цена од 73 милиони денари и завршило на 53 милиони денари. Има намалување од 20 милиони денари на цената“, рече Тодоров.

Исклучително значаен факт, како што потенцира Тодоров, е што МЗ има склучено договор со фирма од Србија, основана од едно лице, еден сопственик, фирмата „Визарис ДООЕЛ“, Марко Петровиќ, кој се јавува како управител.

„Постапката е спроведена целосно законски и согласно сите позитивни законски норми. Не се согласувам со промените кои се настанати по склучувањето на договорот. Разочаран сум затоа што од еден многу добар проект, од еден тендер кој резултираше со склучување на договор, кој требаше да донесе дигитални апарати во јавните здравствени установи и да се оневозможи една пракса на постојано купување на скапи филмови, еден бизнис на практично исцедување на средства од ЈЗУ. Настана ситуација која би ја окарактеризирал како малку неетична, иако е целосно во согласност со законот“, потенцира Тодоров.

Тој соопшти дека го разгледале целиот случај уште еднаш со цел да се утврди дали е целосно испочитуван договорот, дали е постапено во се, онака како што предвидува договорот.

„Ако не е постапено и ако има определени повреди во обврските предвидени со договорот, со сигурност ќе преземеме мерки“, посочи Тодоров.