Тодоров го посети Каратманово, жариштето на епидемијата на туларемија

Министерот за здравство Никола Тодоров заедно со епидемиолози, претставници на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство, Центарот за јавно здравје Велес надлежен за оваа територија. Институтот за јавно здравје, денеска го посети село Каратманово, општина Лозово, каде е прогласена епидемија на туларемија на локално ниво.

– Беше извршена дератизација, хлорирање на водата, забрана за користење на водата, обезбедена е цистерна што ќе доаѓа да ги снабдува луѓето во селото со вода. Ова со водата го правиме превентивно оти знаеме дека причина за епидемијата не е во изворот на вода, но превентивно за причината за епидемијата да не стане водата. Тогаш нема да има вакви бројки како сега, двајца тројца заболени, туку ќе имаме 30, 40, 50 и поголеми бројки. За тоа да се анулира како несакана состојба се прави оваа превентивна мерка, изјави Тодоров.

Посочи дека им се дадени совети на луѓето како да се однесуваат, неопходно е што побрзо да се исчистат дворовите и улиците од ѓубре, да се води сметка за личната хигиена.

– Договоривме со директорот на ЈП за комунална дејност, наместо два пати во денот да доаѓаат секој ден во наредната недела и заедно со луѓето од ова населено место да помогнат во чистење оти бактеријата најмногу се пренесува преку глодарите кои што наоѓаат храна од остатоците кои што ги има во дворовите или храната што ја чуваат во домаќинствата. Треба да се води сметка и за личната хигиена, водејќи сметка дека ова заболување не се пренесува од човек на човек, туку преку животно, потенцира Тодоров.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека пред неколку месеци жителите во изворот нашле глувци и змии.

– Го костатираа тоа и нашите екипи. Но, од анализите на водата се утврдува дека водата не е причинител за епидемијата, оти бројките ќе беа поголеми. Затоа се чистеше делот околку каптажата, но и дополнително треба да се води сметка во тој дел на хигиената, нагласи Тодоров.

Појасни дека тоа е приватен водовод и жителите не сакаат да го предадат на управување на Јавното комунално претпријатие и затоа треба самите да се грижат за него.

Министерот Тодоров информира дека има уште четири новозаболени од туларемија во државата и сега вкупниот број заболени изнесува 23.

– Новозаболените не се сите од овој регион, туку и од Никуштак и Арачиновскиот регион, рече Тодоров.

Тој најави дека утре или задутре ќе го посети и Арачиново.

– Но, и да не го посетам јас, има екипи од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести коишто ги вршат потребните активности, но и следат дали мерките коишто сме ги наредиле реално се спроведуваат на теренот, додаде Тодоров.