Тодоров: Го вулгаризираат паралелниот увоз на лекови тие што сакаат да се укине за да може да си ги полнат џебовите

Паралелниот увоз на лекарствата го вулгаризираат истите оние на коишто не им одговараше неговото воведување, бидејќи претходно заработувале огромни суми, изјави во понеделникот вечерта во вестите на телевизијата Канал 5, пораншениот министер за здравство Никола Тодоров.

„Со воведување на паралелниот увоз ние овозможивме да се разбие монополот и да се овозможи конкуренција, односно да се нудат лекови од странски земји по пониска цена. Преку 20 милиони евра се заштедија во Министерството за здравство со воведување на оваа мерка, а тоа е мерка што се применува секаде во Европската унија“, појасни Тодоров.

Потенцираше дека со паралелен увоз може да се увезе само лек кој има одобрение за ставање во промет и се наоѓа во употреба во земја членка на ЕУ, како и дека се контролира секоја серија на лек што се увезува, па дури потоа се пушта во промет.