Тодоров: Граѓаните ќе ја дадат поддршката на оној кој има реална програма

тодоров

Во обраќањето пред присутните, Тодоров потсети дека во 2006 кога Владата беше предводена од СДСМ невработеноста изнесуваше 38,8 проценти што, како рече, беше најголема невработеност во Европа.

Во тој период, додаде, немаше ниту една отворена фабрика, ниту една сериозна странска инвестиција, ниту инвестиции во здравството и образованието, а во земјоделството немаше субвенции.

Денеска истите луѓе со истите навики, со истиот начин на функционирање со истите знаења и вештини пробуваат да се наметнат како алтернатива. Нема враќање на старо. Македонија не сака да се врати на старо. Македонија сака да оди напред, во прогрес, сака намалување на невработеноста, отворање нови фабрики, инвестирање во здравството, нова опрема, инвестирање во образованието, субвенции за земјоделците, инвестирање во патната инфраструктура, рече Тодоров.

Истакна дека невработеноста е намалена на 24 проценти и дека во новата програма се нуди и ќе се спроведе намалување на 17 до 18 проценти, со обезбедување на 70.000 нови работни места.

Според него, граѓаните знаат како работат од СДСМ и затоа нема да им ја дадат поддршката, туку ќе ја дадат на оној кој има реална програма, која како гаранција за реализирањето го има отчетот.

Ова програма има посебен фокус за Куманово, подвлече Тодоров, особено проектот за рестарирање на стопанските капацитети – жртви на транзицијата. Куманово, како што рече, многу пропати во изминатиот период, бидејќи се затворија компании и многу луѓе останаа без работа, многу стечајци се продуцираа.

Она што ние го предлагаме во нашата програма е доколку овие капцитети ги рестартира некоја компанија, таа компанија да има сериозни бенефиции од страна на државата и во поглед на инфраструктурата што треба да ја гради и тоа 10 проценти, максимум до 500.000 евра поддршка од државата, и во поглед на даночни олеснувања и во поглед на социјални давачки, но и директна државна помош за секое ново креирано работно место 2.000 евра за креирано работно место ако се вработи невработен и 4.000 евра доколку се вработи, стечаен работник. Обврската на команијата ќе биде да ги задржи работниците на работа на одреден временски период, рече Тодоров.

Ова, како што додаде, се однесува на повеќе кумановски компании кои што се во стечај и вработувале голем број луѓе во минатото, како „Кожара“, „Тутунски комбинат“, „Кланица“, „Ладилник“,„Кен“..,кои како резултат на екстремно лошо спроведена приватизација пропаднаа.

Тој побара од граѓаните на 11 декември да се запрашаат кој подобро ќе ја води државата, кој нуди повеќе инвестиции, кој подобро ќе ја води економијата, кој ќе обезбеди поголема сигурност, дали СДСМ или ВМРО ДПМНЕ, Зоран Заев или Никола Груевски.