Тодоров: Инвестициите во здравството изминативе години се огромни

Државата се повеќе средства одвојува за здравството, а со тоа покажуваме дека сме заинтересирани здравството што повеќе да се развива, појаснува министерот за здравство, Никола Тодоров.

-Следната година 1,4 милијарди ќе биде повисок буџетот на фондот за здравствено осигурување од претходната година што е историски највисок буџет на Фондот, имајќи предвид дека Буџетот ќе биде некаде над 25 милијарди денари. Постојано расете и буџетот на Министерството за здравство, кое ќе биде околу 6,5 милијарди денари, подвлече Тодоров, во интервјуто за Алфа.

За споредба, буџетот на Министерството за здравство во 2005 бил 606 милиони денари, а сега е 6 милијарди и 600 милиони. Зголемувањето на буџетот во најголем дел ги овозможува бројните инвестиции кои се спроведени во изминатиот период, а се во насока на подобрување на здравството во Македонија.

100 милиони евра за изградба на нов Клинички центар во Скопје и во Штип

Инвестициите во изминативе години се огромни, подвлече министерот  и  се бројат во неколку стотици милиони евра, а допрва претстојат и нови уште посериозни предвидени во буџетот за 2016 каде ставката за фондот се историски највисоки.

-Инвестицијата само во изградбата на Клиничкиот центар во Скопје и Клиничката болница во Штип е околу 100 милиони евра само во градежни работи, а остатокот е во опрема едукација, инфраструктура. Тука може да се вбројат и објектите во Охрид, кој веќе е изграден, објектот во Козле кој е во завршна фаза кој е во вредност од околу 8 милиони евра. Потоа ПЕТ центарот кој е во вредност од околу 1 милијарда денари, подвлече Тодоров.

Но ова се само дел од инвестициите кои се во тек, како што е болницата во Кичево. „Св. Еразмо“, инвестициите во Клиничката болница во Битола, во општата болница во Прилеп, Велес и Куманово.

-Комплетната реконструкција на старата градска болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје која е многу значајна инвестиција , затоа што зградата е реновирана од надвор некаде во 2001-2002, но внатрешноста е многу малку реновирана и зградата е исклучително стара и таму треба темелна работа, појасни министерот.