Тодоров: Иванов беше и ќе биде претседател на сите граѓани

Носителот на листа на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ3, Никола Тодоров, вечерва пред граѓаните на Кочани се заблагодари за поддршката која тие му ја дадоа на Иванов во првиот круг од претседателските избори.

„Иванов победува затоа што функционираше како човек од народот, за народот. Човек кој ги отвори вратите на претседателскиот кабинет за над 5000 граѓани. Тој се трудеше да помага на што е можно повеќе граѓани. Иванов активно работеше на отворање на врати за Македонија и за нови инвестиции, инвеститори затоа што знае дека најдобра социјална политика е политиката на отворање нови работни места. Тој е посветен и фокусиран на решавање на проблемите  на граѓаните. Тој беше и ќе биде претседател на сите граѓани, без разлика на вера, нација, без разлика за кого тие гласале на изборите, рече носителот на листа.

Тодоров ги повика граѓаните рационално да размислат –дали им одговара да се направи експресен пат меѓу Штип и Кочани, автопат кон источна Македонија, да се воведат нови методи во болницата, да биде изградена браната на Оризарска река, да се зголемат платите, пензиите, дали им одговара највисокиот износ предвиден за субвенции.

„Во програмата има 110 страници со фокусирани проекти за источна Македонија. Оваа Влада има посебен фокус за овој дел од Македонија. Сите на 27-ми да дадеме масовна поддршка за оваа најдобро изработена програма. Да дадеме поддршка за најмалку 14 пратеници од третата изборна единица“, истакна Тодоров, на вечерашниот митинг во Кочани.