Тодоров: Ќе се борам против секоја дополнителна минута чекање на секој пациент

Откако Министерството за здравство го откри доцнењето на првиот закажан преглед во денот од страна на докторите, ресорниот министер Никола Тодоров, јавно се обврза да се бори против секоја дополнителна минута чекање на секој еден пациент.

-Со мојот тим, со секој директор на здравствена установа, но и со секој доктор во јавното здравство, активно и постојано ќе се бориме оваа некоректна појава да се корегира. Во тој контекст, секој месец најдоцна до 5ти во месецот на прес конференција ќе ги објавувам овие податоци, ќе ги казнувам директорите кои не го исполниле таргетот и ќе барам да бидат казнети докторите кои не го почитувале законот и времето на пациентите. Ќе го практикувам ова се додека сум на оваа позиција и се додека оваа појава комплетно не се искорени, рече Тодоров.

Министерот пред се им се обрати на директорите на здравствените установи.

-Замислете да се најдете на шалтер на некоја банка, да дојдете точно во времето кога е декларирано дека шалтерот на банката отвара, да бидете прв во редот и да чекате 1 час и повеќе за да дојде службеникот и да го отвори шалтерот. Дали во ваква ситуација нема гласно да реагирате и негодувате, дали нема да го побарате шефот или дури и директорот за да му го изразите своето незадоволство, и дали ако ова ви се случи три пати во истиот месец нема да ја промените банката. Банката може да ја промените, но пациентот не може сам да си ја промени болеста. на пациентот му е потребен докторот, тој во голема мера зависи од него. Не е помалку значајно да се запрашате и дали поради вакви ситуации може да настанат и немили ситуации и поголеми расправии, истакна Тодоров.

Вкупно 162 доктори, 3 пати или повеќе од 3 пати месечно задоцниле подолго од 1 час на првиот закажан преглед во денот. Оваа појава Министерството за здравство ја увиде со анализа на податоците од системот Мој термин и ќе преземе мерки за спречување на оваа појава. Министерот Тодоров почоси дека нема да го толерира доцнењето на овие доктори.

-Почитувани 162 доктори, можам да прифатам да ме критикувате, да зборувате против мене на секој пациент кој ќе дојде во вашата ординација, да ме исмевате пред пријателите. Сето ова од вас без проблем го прифаќам и без проблем ќе го поднесам. Но, никако нема да прифатам и не можам и нема да дозволам пациентот да стои на закажан преглед пред вашата затворена врата еден или повеќе часови.

Тодоров ги повика пациентите веднаш да реагираат доколу се случи докторот да доцни на закажаниот преглед.

-Неспорно е дека треба да го почитувате докторот. Но никој нема право, без разлика дали е политичар, директор, доктор, да побара од вас да се помирите и да толерирате ситуација во која на закажан термин ќе чекате 1 или повеќе часови пред затворената ординација на било кој доктор. Хуманизмот на нашиот народ е познат и никој нема да негодува доколку докторот е зафатен со давање на здравствена услуга на друг пациент чиј живот е загрозен, но никако не смее да се дозволи причината за чекањето да е неодговорност или потценување на било кој пациент. Затоа, ве повикувам доколку се најдете во ваква ситуација директно да отидете кај директорот на здравствената установа и да побарате докторот веднаш да биде повикан и укорен. Директорот мора да ве прими. Секој директор има законска обврска, но и директна наредба од мене како министер да го сослуша секој пациент или граѓанин кој сака да достави поплака, и да мора да постапи по таа поплака, додаде Тодоров.

Надласи и дека подолго време се работи на крупна реформа за системско решавање на оваа појава, и во скоро време за тоа ќе биде информирана јавноста.