Тодоров: Ќе се реконструираат болниците во Прилеп и Битола, а Куманово ќе добие нов Ургентен центар

Реконструкција на болниците во Прилеп и Битола, изградба на нов Ургентен центар во Куманово, како и набавка на нова медицинска опрема за повеќе клиники, најави министерот за здравство Никола Тодоров на денешната отворена владина седница. Вкупната инвестиција е вредна 210 милиони денари.

-Во Битола ќе се менува фасадата, болницата ќе добие енергетско-ефикасна нова фасада, нови прозорци, ќе се зголеми стандардот на стационарот, ќе се изградат тоалети во собите, исто така ќе се променат и лифтовите. Во Прилеп инвестицијата е нешто помала. Ќе се реконструираат операционите сали, сите тоалети и подови. Во Куманово пак, на местото на постојната интернистичка амбуланта, ќе се догради нов ургентен центар и ќе добиеме една целина, истакна Тодоров.

Инвестицијата за реконструкцијата на болницата во Битола е 90 милиони денари, а рокот е октомври 2016 година. За болницата во Прилеп која треба да биде реконструирана до септември 2016 година ќе бидат издвоени околу 40 милини денари. Ургентниот центар во Куманово ќе биде готов до крајот на 2016 година, а за него ќе се одвојат 20 милиони денари.

Тодоров истакна дека е распишан тендер за набавка на медицинска опрема во вредност од 60 милиони денари. Фокусот ќе биде ставен на клиниката „Св. Наум Охридски“. За таму ќе биде набавен еден мамограф, два кревети за изгореници и друга медицинска опрема која ќе биде потребна.

Мамографи ќе бидат набавени и за болниците во Кавадарци, Штип, Куманово, Прилеп и Кочани.