Тодоров: На изборите граѓаните ќе одлучат дали се за деструкција и за криза или за програми, проекти, дела и реформи

 

Поентата на овој договор е оваа година да има избори и на изборите кои што ќе се организираат да се стави крај на целата оваа агонија во која што СДСМ ја внесе Република Македонија и да одлучат граѓаните што ќе поддржат, дали се за деструкција и за криза или се за програми, проекти, градби, дела и реформи. Тоа е генерално и она што е разликата помеѓу нас и СДСМ, нагласи вицепремиерот во владата и министер за здравство Никола Тодоров.

СДСМ одбра еден концепт на функционирање во политиката, а тоа е да нуди на граѓаните слобода и демократија. Да не бидам сфатен погрешно, слобода и демократија се најважни, нема поважно од тоа. Но проблемот е тоа што СДСМ им го продава на граѓаните тоа што ним не им треба. Македонија има и слобода и демократија и не им треба тоа на граѓаните, затоа што тоа го имаат. На граѓаните во Македонија им требаат нови работни места, им требаат инвестиции во здравство, во образование, им треба земјиоделски субвенции, им треба подобра животна средина, подобро судство… Тоа е тоа што им треба на граѓаните. Од една страна имате партија која што продава нешто што никој не сака да го купи, а од друга страна имате партија што испорачува сериозни реформи: отвори 150.000 нови работни места, за прв пат во Македонија почнаа да се отвараат фабрики големи, расте извозот, имаме субвенции   во земјоделието… И тоа е битката на двата концепти. И сега не им е јасно зошто губат на избори, па губат затоа што ја промашиле темата, оцени Тодоров во Отвореното студио на ТВ Нова.

Додаде дека СДСМ комплетно ја промашиле темата на политичката понуда.  Како што рече, со оваа криза која што ја направиле СДСМ ја казнуваат и Република Македонија и граѓаните затоа што не им даваат поддршка.