Тодоров: На Клиниката за кардиохирургија порано се вршеле до 30 интервенции годишно, сега таа бројка е на месечно ниво

На панел дискусијата на ВМРО-ДПМНЕ на тема „ За здрав живот“ денеска учествуваа министерот за здравство Никола Тодоров , доктор Александар Митов, Соња Липиткова, државен секретар во министерството за животна средина и просторно планирање , Саше Стефановски директор на ФЗОМ, доктор Аспазија Софијанова директор на Клиника за детски болести и доктор Виктор Камиловски од Универзитетска клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.

Министерот Тодоров во своето излагање се осврна на системот „Мој термин“ кој беше воведен во здравството и претставува суштинска реформа за која веќе интерес пројавуваат и други земји.

-Порано беше незамисливо дека може да има ваков систем и да се извадат вакви податоци за здравствената состојба од еден систем. Додека  пак сега може да знаме каква била здравствената состојба минатата недела за цела Македонија, рече Тодоров.

Тој е горд на овој проект и на целата проектна единица која што го имплементираше овој систем и потенцираше дека за успешноста на проектот  говорат и анкетите за задоволство кои покажуваат високи проценти на задоволство и меѓу пациентите и меѓи здравствените работници и тоа на 70 %.

Министерот се осврна и на  Државната кардиохирургија која пред 40 години, како што рече, беше сон за докторите, додека сега веќе неколку години одлично функционира оваа клина во Македонија.

-Показател за тоа е фактот дека кога почнуваше со работа Клиниката за кардиохирургија се вршеа 20 до 30 интервенции годишно, а сега тој број на интервенции се врши на месечно ниво, рече Тодоров.

Во контекст на Кардиохирургијата се надоврза и доктор Софијанова која истакна дека ако пред 40 години се зборувало за Државна кардиохирургија за детска кардиохирургија не станувало ни збор и тогаш децата се носеле на кардиохируршки операции во странство. Денес успешно функционира овој проект во Македонија.