Македонија

Тодоров: Над 150 вработени во јавното здравство добија договор на неопределено време

Тодоров: Над 150 вработени во јавното здравство добија договор на неопределено време

Во 30 јавни здравствени установи издадени се согласности за трансформации во редовен работен однос и веќе над 150 лица кои биле ангажирани по овие основи отпочнаа со потпишување на договорите за вработување на неопределено време. За ова денес на прес- конференција информираше министерот за здравство Никола Тодоров.

Од вкупно 112 јавни здравствени установи досега вкупно 109 ја поднеле потребната документација за трансформација. За три јавни здравствени установи, има податок дека немаат вакви лица, односно сите јавни здравствени установи кои имале лица ангажирани по овие основи кои се опфатени во законот веќе ја доставиле потребната документација.

Јавните здравствени установи прво ја поднесуваат документацијата до Министерството за здравство, а по извршена проверка Министерството ја доставува до Фондот за здравствено осигурување и до Министерството за финансии каде што се врши дополнителна проверка.

-Во секоја јавна здравствена установа на видно место се објавени списоци на лица чиј работен однос ќе биде трансформиран на неопределено работно време, согласно законот, а лицата на списокот се подредени почнувајќи од лицето кое е најдолго ангажирано во установата до лицето кое е најкратко ангажирано во установата. Ова го направивме со цел јавен увид и транспарентност на процесот. Доколку сметаат дека им е повредено некое право, може да достават забелешка до Мнистерството за здравство или на мејлот transformacija@zdravstvo.gov.mk, која ќе биде соодветно разгледана и доколку има основ веднаш ќе биде интервенирано, потенцираше Тодоров.

Тој посочи дека само во првата група предвидено е да се трансформира работниот однос на околу 600 лица, ангажирани во Јавните здравствени установи, имајќи предвид дека се уште е во тек постапката за лица за кои бил прекинат договорот поради бременост, раѓање или мајчинство.

Министерството за здравство формираше и Стручна комисија која ќе ги разгледува случаите на лица чии договори биле прекинати поради бременост, раѓање или мајчинство. Ова е во рамки на имплементација на Законот за трансформација во редовен работен однос, со кој се опфатени волонтери, лица ангажирани со договор на дело, авторски и други договори во органите на државна управа, локалната самоуправа и јавната администрација.

Министерот Тодоров, истакна дека е потребно да се достават само два документи- отпусно писмо од родилиште и извод од матична книга на родените, а врз основа на оваа документација, Комисијата издава потврда за исполнетоста на условот за прекин на ангажманот.

– Ги повикуваме сите лица кои ги исполнуваат условите предвидени со овој закон, а чии договори биле прекинати поради бременост, раѓање или мајчинство, да достават документација која оваа стручна комисија ќе ја разгледа и ќе ја потврди исполнетоста на овој услов за прекин на договорот и времетраење на прекинот. Ова барање ќе биде поставено на нашата веб страна на Министерството за здравство со цел да имаме унифицираност на сите барања, но секако ова не е задолжителен образец, туку е препорачливо да се поднесе барањето на овој образец со цел полесна обработка на податоците, истакна министерот.

Утре ќе биде објавен и оглас во дневните весници со кои ќе се повикаат лицата да ја достават потребната документација до стручната комисија по пошта или до архивата на Министерството за здравство. Рокот за доставување на документацијата е 30 дена од денот на објавување на огласот.

-Ова е многу значаен чекор во имплементацијата на овој Закон, имајќи предвид дека врз основа на потврдата од Стручната комисија, работодавецот ќе одреди дали лицето ги исполнува условите за трансформација во редовен работен однос или не, додаде Тодоров.