Тодоров: Не е чесно луѓето со ниски примања да ги плаќаат давачките, а оние со високи не

Не е чесно некој со ниски примања да си плаќа пензиско и здравствено осигурување, а некој со огромни примања под авторски договор да не плаќа, рече министерот Никола Тодоров коментирајќи ја потребата од плаќање придонеси на хонорарците.

-Не се точни информациите дека се оданочуваат со дополнителни 25 проценти. Покрај данокот од 10 отсто треба да се платат и пензиско и здравствено осигурување. Тоа се два солидарни фонда. На пример,еден граѓанин земал 1.500 евра по основ на авторски договор, а не плаќал ни здравствено ни пензиско. Од друга страна, една жена која зема 15.000 денари си плаќа. Тоа не е чесно. Министерството за здравство плаќа над 2 милијарди денари за привремено неосигурани лица, а таму влагаат и оние со високи приходи од авторски договори. Државата за нив плаќа како за лица во социјален ризик. А тоа лице зема милион денари. Не е чесно тој да не плаќа, а таа со мала плата да си плати, рече Тодоров.

Солидарен фонд значи дека на секој кој му е потребна услуга ја добива. Колку и да плаќа во фондот, услугата треба да е иста.

Докажано е дека секој човек 80 посто од она што цел живот го вложувал во здравствениот фонд , го троши во последните 6 месеци од животот.

Тодоров потенцира дека Европа се базира на солидарност, а ние како земја тој солидарен систем никако не смееме да го напуштиме.