Тодоров: Не требаат розови очила за да се видат капиталните инвестиции во здравството

Изградбата на новата Клиничка болница во Штип е една од најголемите капитални инвестиции во здравството во Република Македонија. Станува збор за инвестиција вредна околу 56 милиони евра, со која овој регион ќе добие болница според врвните светски стандарди. Министерот за здравство Никола Тодоров, во вториот дел од интервјуто за Прес24, одговара на прашања поврзани со инвестициите во инфратструктирата на секторот со кој раководи, како и на обвинувањата од опозицијата дека изминативе десет години се најлошите во здравството во Македонија.

-Во болницата во Битола се врши комплетна надворешна реконструкција на болницата. Во тек е и реновирање и адаптација на објектот на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св.Еразмо. Инвестирањето во здравствена инфраструктура е континуиран процес, а тенденцијата е да опфатиме што е можно повеќе јавни здравствени установи низ државата.Изградивме комплетно нова Детска болница Козле, која е единствена од ваков тип во земјава и една од најмодерните детски болници во регионот.Тенденцијата на Министерството за здравство е со овој процес да опфатиме што е можно повеќе установи низ државата. Само од 2014 година до денес во нова опрема се инвестирани 15 милиони евра, вели Тодоров за Прес24.

Министерот за здравство вели дека сака да слуша критики, особено од пациентите кои најдиректно се засегнати, но верува дека критиките на опозицијата не се коструктивни, туку тенденциозни.

– Свесен сум дека има проблеми во здравството. Но свесен сум и дека ниту јас ниту било кој не може да ги реши сите проблеми во здравството, ниту кај нас ниту во било која друга земја. Секогаш ќе има проблеми и секогаш ќе има неопходност од нивно решавање. Не сакам да ги гледам работите со розови очила и да се правам слеп за реалните проблеми кои постојат, и кои веројатно секогаш ќе постојат. Некаде имаме сериозен успех и напредок, некаде сè уште има големи проблеми и потреба од уште многу работа, вели Никола Тодоров, министер за здравство во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: Само овој период во тек се градежни активности на десетина здравствени установи. Една од нив, која ја најавивте и како најголем капиталeн проект во историјата на македонското здравство е новата болница во Штип. Што ќе добијат жителите од источниот дел на земјата?

ТОДОРОВ: Изградбата на новата Клиничка болница во Штип е една од најголемите капитални инвестиции во здравството во Република Македонија. Станува збор за инвестиција вредна околу 56 милиони евра, со која овој регион ќе добие болница според врвните светски стандарди. Бенефит ќе имаат над 200.000 жители од источниот регион на Македонија кои гравитираат кон болницата, имајќи предвид дека оваа клиничка болница е еден од “чуварите“ на терциерното здравство односно има широк спектар на услуги за пациентите и го редуцира бројот на пациенти кои се упатуваат кон скопските клиники.

Самиот проект за нова болница во Штип е исклучително сложен, содржи над 30.000 страници и практично неколку години работевме на овој проект. Не сакам повеќе да зборувам за овој објект. Ве уверувам дека по неговата изградба и најголемите мои критичари ќе признаат дека комплетно е трансформирано здравството во Штип и цела источна Македонија. Секој ќе може лесно да ја види огромната разлика.

Особено е важно што паралелно со инвестирањето во инфраструктурата, вложуваме и во нова најсовремена медицинска опрема за оваа установа, како и во стручно доусовршување и едукација на кадарот, во насока на целокупен напредок на овој регионален медицински центар. Само во Клиничката болница Штип досега се реализирани 140 нови вработувања, над 120 здравствени работници беа испратени на едукација во странство (од кои 65 доктори), вкупно 30 доктори се упатени на специјализација, од кои 4 на специјализација во странство. Инвестиравме над 4 милиони евра за набавка на најсовремена медицинска опрема за оваа установа, неодамна е ставен во функција нов дигитален мамограф, а набавени се и нови ЕЕГ и ЕМГ апарат за дијагностика во областа на неврологијата.

Во Штип сме на добар пат да постигнеме сериозен напредок во квалитетот на здравствените услуги, и со новата болница да поставиме многу висок стандард.

ПРЕС24: Кои други градови се опфатени со програма за изградба на вакви, или слични објекти?

ТОДОРОВ: Во моментов се одвиваат реконструктивни зафати во поголем број јавни здравствени установи во државата, како што се: болниците во Битола, Прилеп, Велес, специјалната болница „Свети Еразмо“ во Охрид, а во тек се и градежните работи во Општата болница во Струмица. Наскоро ќе почне темелна реконструкција и обнова на Универзитетска клиника по хирушки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје, а наскоро ќе почне и градбата на целосно нов објект за Ургентен центар во рамки на Општа болница Куманово. Во Лабуништа во завршна фаза е изградбата на посебен дел за нови амбуланти, со изградба на нова котлара и нова изолација.

Во болницата во Битола се врши комплетна надворешна реконструкција на болницата, која го опфаќа надворешниот дел од објектот, со поставување енергетски ефикасна фасада, промена на кровот и прозорците. Реконструкцијата почна лани и треба да биде готова до крајот на годината. Станува збор за инвестициски зафат вреден 107 милиони денари. Инаку, овој објект е изграден во 1972 година и вршени се некои обновувања, но ова е најкрупен инфраструктурен зафат во регионот. До крајот на годината е предвидено да почне и втората фаза од реконструкцијата на битолската болница која ќе ја опфати внатрешноста на болницата.

Во тек е комплетна внатрешна реконструкција на прилепската болница, инвестиција вредна 70 милиони денари. Ова е прва комплетна реконструкција откако е изградена болницата во 1980 година, а бенефит ќе имаат околу 120.000 жители од регионот. Веќе е комплетно реновирано и пуштено во употреба Детското одделение, продолжуваме со реновирање на останатите одделенија, како и операционите сали, така што кон крајот на август очекувам комплетно да заврши реконструкцијата на оваа болница.

Во тек е и реновирање и адаптација на објектот на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св.Еразмо – инвестиција вредна 215 милиони денари, со која е опфатено и преселувањето на Заводот за кардиоваскуларни заболувања. Оваа болница датира некаде од 1950 година, кога функционирала во бараки, потоа во 70-тите години бил изграден објект од поцврста градба, а веќе во 90-тите години била изградена карабината врз основа на која сега се гради нова, најсовремена болница.

Инвестирањето во здравствена инфраструктура е континуиран процес, а тенденцијата е да опфатиме што е можно повеќе јавни здравствени установи низ државата.

Изградивме комплетно нова Детска болница Козле, која е единствена од ваков тип во земјава и една од најмодерните детски болници во регионот. Објектот е со капацитет од 104 кревети, и исто толкав капацитет за сместување на еден родител како придружба на секое дете, за разлика од претходно кога само една третина од децата беа со родителска придружба бидејќи физички беше невозможно да се сместат повеќе. Во новиот објект функционираат вкупно 9 специјалистички амбуланти, што е тројно повеќе во споредба со претходно. Над 70% од докторите во болницата веќе имаат поминато едукација во странство, што е добар показател дека болницата одлично напредува и се развива.

За потсетување, минатата година изградивме комплетно нов објект за Центарот за позитронско-емисиона томографија (ПЕТ – Центар). Инвестиција вредна околу 16 милиони евра, со која Македонија ќе стане регионален центар за производство на изотопи, како и најсовремена и најпрецизна дијагностика со која може да се детектира и единствена малигна клетка во организмот. За ПЕТ–Центарот е набавена и најсовремена опрема, спроведена е едукација на кадарот и во тек е процес на валидација согласно стандардите на Меѓународната агенција за атомска енергија од Виена, по што Центарот ќе почне да работи со пациенти.

ПРЕС24: Покрај фасадите и новите згради, за успешно функционирање е потребна и опрема. Инвестиравте стотина милиони во набавка на нови апарати. Дали сите установи се обезбедени?

ТОДОРОВ: Тенденцијата на Министерството за здравство е со овој процес да опфатиме што е можно повеќе установи низ државата. Само од 2014 година до денес во нова опрема се инвестирани 15 милиони евра.

Набавивме нови мамографи за повеќе јавни здравствени установи: Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“, болниците во Штип, Велес, Прилеп, Кочани, Охрид. Вкупната инвестиција изнесува околу 40 милиони денари. Дополнително се набавени нови мамографи за Здравствените домови во Скопје и Радовиш, болниците во Гевгелија и Кавадарци, и Здравствената станица Македонска Каменица, кои се во фаза на испорака или инсталирање.

Набавуваме и нови апарати за компјутерска томографија, и само во изминатата половина година набавивме нови апарати за Универзитетската клиника за неврологија, Градската општа болница „8 Септември“, како и во поликлиниката Јане Сандански во Скопје, со што за првпат оваа дијагностика ја воведовме на ниво на Здравствен дом.

Со набавката на нови ангиографи, ја проширивме и зајакнавме мрежата на интервентна кардиологија низ државата, а неодамна почна да се работи интервентна кардиологија и интервентна радиологија и во ГОБ „8 Септември“.

Една од поновите набавки на нова опрема е набавката на дијагностички апарати кои се особено значајни во областа на неврологијата, а тоа се ЕМГ и ЕЕГ апарати. Вкупната вредност на инвестицијата е околу 5.8 милиони денари, со што ја зајакнуваме оваа дијагностика во повеќе установи низ државата, како што се: Клиничка болница Штип (ЕЕГ и ЕМГ апарат), Општа болница Куманово (ЕМГ апарат), Општа болница Кавадарци (ЕЕГ и ЕМГ апарат), и Здравствен Дом Скопје (ЕЕГ апарат).

ПРЕС24: Од оваа година почна да функционира и кофинансирањето на специјализациите, каде државата ќе покрива дел од трошоците. Ќе добијат ли болниците и клиниките специјалисти кои се дефицитарни во моментот?

ТОДОРОВ: Реформата со која ги воведовме кофинансираните специјализации е стратешка, долгорочна и суштинска мерка и е во правец на надминување на недостигот од специјалистички кадар во определени области и во определени градови.

Објавивме два огласи за запишување кофинансирана приватна специјализација, од кои едниот наменет за доктори веќе запишани на приватна специјализација, додека вториот беше наменет само за општи доктори, кои се невработени или пак не работат во јавни здравствени установи.

На првиот оглас се избрани вкупно 90 кандидати, од кои најголемиот дел за јавни здравствени установи, додека останатите кандидати за гинеколози на примарно ниво.

Овие доктори сериозно ќе го зајакнат капацитетот на повеќе установи низ државата. На пример, со огласот се обезбедуваат дополнителни 30 доктори во ГОБ „8 Септември“, 9 доктори во Клиниката по хируршки болести „Св.Наум Охридски“ и Клиничка болница Битола, 8 доктори во Општа болница Куманово, 6 доктори во Клиничка болница Штип, 4 доктори во општите болници во Охрид и Гостивар и Клиника за детски болести, 2 доктори во Општата болница Струмица и Клиничка болница Тетово и 1 доктор во Општата болница Струга.

Исто така, објавивме и веќе го реализиравме и вториот јавен оглас за кофинансирани специјализации за невработени доктори и доктори кои не работат во јавни здравствени установи, на кој се пријавија вкупно 171 кандидат за вкупно 100 кофинансирани специјализации, а беа избрани најдобрите 74 кандидати. Предноста на овој систем е што нема врски, нема ургенции, се бираат исклучиво најдобрите и особено важно, се бираат за таму каде има најголема потреба за тоа.

ПРЕС24: Како ќе одговорите на опозицијата, на нејзините констатации, дека овие 10 години се најлоши и претставуваат катастрофа за здравствениот систем.

ТОДОРОВ: Да погледнат наназад. Да видат што оставија. Пациентите секогаш имаат право да критикуваат и таа критика е неопходна и со големо внимание и пристапувам. Но, кога критиката доаѓа од СДСМ, и тоа за здравство, тоа е помалку и смешно. Тотално некредибилно, без суштина и со желба само политички да ме оцрнат. Грешка ми е тука што поаѓајки од тоа дека луѓето од СДСМ кои буквално го сотреа здравствениот систем, се последните кои имаат лице нешто да критикуваат во здравството, често не обрнував внимание на лагите кои ги пласираа во јавноста, па дозволив во некои сегменти сериозно да го минимизираат резултатот што го постигнавме во некои области. На пример, свесни за катастрофата која ја оставија во областа на доенечкиот морталитет, се обидоа таа катастрофална состојба да ми ја препишат мене. Сто пати повторуваа иста лага дека заради мојата политика во здравството умираат бебиња. Долно и подло, но сепак карактеристично за нив. Да бидам јасен и искрен, доенечкиот морталитет кај нас е сè уште сериозно висок и тоа не е добро, и треба уште многу работа во тој правец, но да критикуваат луѓе кои оставија систем со смртност од 13,2 промили во услови на помал број на родени бебиња е дрско и говори за нив. Денес смртноста е 8,5 промили, сериозно е намалена и е со надолен тренд. Сакам да повторам дека сè уште не е ова задоволително и уште многу треба да се направи во оваа област, па затоа во наредниот период ќе продолжиме уште позасилено да работиме на ова поле.

Од друга страна, најрелевантен показател за постојаниот напредок во областа на здравството е европскиот здравствен потрошувачки индекс (EHCI – European Health Consumer Index), каде Република Македонија веќе две години по ред е високо рангирана, а за период од една година остваривме напредок од вкупно 11 места, што претставува најголем напредок на една земја во историјата на ова рангирање.

Европскиот здравствен потрошувачки индекс се смета за најрелевантен показател за функционирањето на здравствените системи во Европа, што значи дека има неспоредливо поголем кредибилитет во споредба со нечии паушални и политички мотивирани констатации кои воопшто не се поткрепени со аргументи и служат единствено за прикривање на нивната безидејност.

Дополнително на ова, важно е да се спомене дека во изминатите 10 години, десеткратно го зголемивме буџетот за здравство. Ако во 2005 година за здравство биле одвоени само 606 милиони денари, за 2016 година буџетот за здравство е 10 пати поголем и изнесува над 6 милијарди денари.

Само во изминатите неколку години, реализирано е историски најсилното зајакнување на човечките потенцијали во здравството, со над четири илјади нови вработувања во сите јавни здравствени установи низ државата.

Сонот на докторите за отворање државна кардиохирургија, после 40 години стана реалност, а неодамна дејноста во оваа клиника беше проширена и со васкуларна хирургија. Подеднакво успешно функционира и проектот Детска кардиохирургија, со кој за 4 години се извршени околу 200 кардиохируршки интервенции кај деца со сериозни срцеви проблеми од тимот детски кардиохирурзи од САД, во соработка со нашите доктори од универзитетските клиники.

Свесен сум дека има проблеми во здравството. Но свесен сум и дека ниту јас ниту било кој не може да ги реши сите проблеми во здравството, ниту кај нас ниту во било која друга земја. Секогаш ќе има проблеми и секогаш ќе има неопходност од нивно решавање. Не сакам да ги гледам работите со розови очила и да се правам слеп за реалните проблеми кои постојат, и кои веројатно секогаш ќе постојат. Некаде имаме сериозен успех и напредок, некаде сè уште има големи проблеми и потреба од уште многу работа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.