Тодоров: Нови измени на Законот за поквалитетно здравство

Со цел подигнување на квалитетот на здравствените услуги, министерот за здравство Никола Тодоров најави нови измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита во три сегменти.

Со новите измени се предвидува специјализантите во иднина задолжително да полагаат колоквиум, интермедијален испит во втора година, специјалистички испит и задолжително усовршување во рок од 3 месеци во болница во странство.

– Воедно, со овие законски измени предвидуваме полагањето на прв и втор дел од колоквиумот да се снима и во живо да се емитува на веб-страницата на Министерството за здравство. Значи, предвидуваме снимање на теоретскиот дел од полагањето, додека практичниот дел се спроведува во амбуланта, болничка соба или просторија за вршење на интервенции и истиот не се снима, изјави Тодоров.

Во иднина, се планира многу поголема практична работа на специјализантите. Така, тие за време на специјализацијата ќе треба да поминуваат задолжително 9 часа во установата каде ја обавуваат специјализацијата или заедно со се дежурствата вкупно 69 часа неделно.

– Во однос на вклученоста на специјализантот во работата на здравствената установа, предвидуваме активно вклучување на специјализантот на утринските, односно дневните состаноци, со реферирање на случаите кои ги имал специјализантот претходниот ден и објаснување на случаите кои треба да ги има наредниот ден, согласно медицина базирана на докази. Овие состаноци секое утро ги одржува медицинскиот директор, заедно со доктор-специјалист со најмалку 7-годишно работно искуство заради реферирање на случаите, најави министерот.

Постарите специјализанти, или специјализантите во трета година ќе мора да извршуваат индивидуално најмалку една визита дневно.

Тодоров рече дека со ова специјализантите ќе се стекнат со поквалитетно практично искуство, а пациентите ќе добијат подобра нега.

Со подзаконски акти ќе биде определен неопходен минимум на интервенции, за секоја од областите за која студентот се специјализира.

Во однос на вештините, новите измени предвидуваат изучување на најмалку два светски јазици, од кои задолжително е познавање на англиски јазик на ниво Б2 и втор јазик по избор на специјализантот од јазиците кои што се наоѓаат веднаш по англискиот јазик (германски, француски, италијански, турски, кинески, шпански или руски јазик) на ниво А2.

Исто така, во однос на практичната работа, специјализантите ќе треба задолжително да поминат еден месец во службите за итна помош, како и најмалку 15 дена во ургентен центар.

По истекувањето на трета година, постарите специјализанти ќе може да се стекнат со времена лиценца за извршување на дејност.

Новина ќе биде и тоа што по завршувањето на специјализацијата, специјализантите ќе мора задолжително да поминат усовршување во времетраење од три месеци во болниците во земјите од OECD или во ЕУ, на товар на Министерството за здравство.

Тодоров нагласи дека овие измени се втемелени на искуствата од САД, Франција и Германија, а се со цел да се подобри образовниот процес на специјализантите, за тие да можат веднаш да се вклучат во работата на установите.

Вториот сегмент на законски измени на кој се осврна министерот е  законската обврска за воведување на систем на BSC (Balanced Scorecard) како систем за стратешко планирање и менаџмент и избалансирано оценување на постигнувањата, како и поврзување на платите на директорите со критериуми и индикатори на успешност.

– Евалуацијата на остварувањето на ЈЗУ според зададените индикатори всушност претставува евалуација на директорите на ЈЗУ за постигнатото во однос на планираното, што значи дека од нивото на реализација на поставените индикатори ќе зависи дали менаџментот на соодветната ЈЗУ ќе биде дополнително финансиски награден или не (основната плата на менаџерите може да се движи од -20% до +20%. Директорот е должен да ги собира податоците за мерење на клучните индикатори и да ги внесува во системот, а доколку тоа не го направи (два пати последователно или три пати во текот на една година), ќе биде разрешен. Тој ќе биде разрешен и доколку после две донесени решенија за определување договорна казна за неостварување на годишните целни вредности на клучните индикатори на постигнувањата истата не ја уплати, посочи Тодоров.

Министерството за здравство четири пати годишно ќе врши евалуација на успешноста на јавната здравствена установа во остварувањето на BSC.

– Врз основа на кварталните извештаи, Министерството за здравство четири пати годишно ќе изготвува ранг листа на најуспешни јавни здравствени установи.  Здравствените работници и здравствените соработници и сите административни службеници, даватели на јавни услуги во здравството и помошно – технички лица вработени во јавната здравствена установа која се наоѓа осум пати во текот на две последователни години  на прво место на ранг листата на најуспешни јавни здравствени установи, добиваат парична награда во износ од 10% од минималната плата во Република Македонија согласно со прописите со кои се утврдува минимална плата во Република Македонија,  во текот на три месеци последователно, посочи министерот.

Третиот сегмент на законски измени на кој се осврна Тодоров, го опфаќа сегментот кој ги засегнува пациентите болни од малигни заболувања.

Во таа смисла, се предвидува здравствениот третман на пациентите болни од малигни заболувања кој опфаќа дијагностицирање и лекување на малигните болести да се врши согласно со клиничка патека со која особено се утврдува добивање на приоритетен статус на пациентите болни од малигни заболувања во давањето на здравствени услуги, да се определи максималното време на чекање за оваа група пациенти (време подолго од кое не смеат да чекаат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.