Тодоров по втор пат бара да им се одземат лиценците на пијаните анестезиолози

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска по втор пат побарал од ЛКМ да им ги одземе лиценците на пијаните анестезиолози од гевгелиската болница, екслузивно дознава Здравство24.

Испратил писмо до Комората во кое апелира да се запрашаат сите дали е совесно, одговорно и законито извршување на лекарска професија во состојба на пијанство со алкохол во крвта над 1,5 промили. Тодоров, како што дознава порталот навел дека ваквото однесување е спротивно на Законот за здравствена заштита, Кодексот на медицинската деонтологија и спротивно на етичките и општествени норми. Според министерот за здравство, извршувањето на лекарска професија под дејство на алкохол претставува можност за сериозно загрозување на животот и здравјето на пациентот и е силен основ за одземање на лиценцата.

Тодоров им напишал на претставниците од ЛКМ дека без одолговлекување мора да бидат преземени сите мерки што ги имаат на располагање имајќи во предвид дека во конкретниот случај како последица има смрт на родилка и бебе.

Токму затоа министерот за здравство бара од Лекарската Комора да ги преземе сите мерки во рамките на надлежностите со цел преку расчистување на случајот согласно позитивните прописи, да се индивидуализира одговорноста на поединецот лекар како би се заштитил угледот на професијата но и достоинството на секој пациент и здравствениот систем во целост.

Согласно членовите 1 и 3 од Кодексот на медицинската деонтологија донесен од ЛКМ, лекарите се обврзуваат дека својата професија ќе ја вршат совесно и одговорно и при тоа се должни да ги почитуваат законите и обврските.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.