Тодоров: Приоритет во 2014 се израдбата на клинички комплекс „Мајка Тереза“ и новата Клиничка болница

На денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања министерот за здравство Никола Тодоров посочи дека годинава се реализирани голем број проекти, а освен тоа најави значајни проекти во областа на здравството и во 2014 година.

Министерот Тодоров, одговарајќи на пратеничко прашање истакна дека годинава работеле на 48 проекти во делот подобрување на здравствената инфраструктура во вкупна вредност од милијарда и 480 милиони денари. Од проектите кои се предвидени за 2014 година, Тодоров ги наведе изградбата на зградата на новиот Клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“ во Скопје, како и почнување со изградба на новата Клиничка болница во Штип.

„Овие две инвестиции се најголемите во историјата на Република Македонија во делот на здравствената инфраструктура, не само по обем и по финансиски средства, туку и по сложеност на капацитетите кои ќе бидат изградени,“ потенцираше Тодоров.

Министерот потсети и дека од февруари годинава почнале со доставување нова опрема во Градската општа болница „8 Септември“ чија вредност изнесува шест милиони евра.

Министерот за здравство информира дека изминатиов месец распишале уште еден голем тендер за набавка на лабораториска опрема за десет здравствени установи во Македонија, за универзитетските клиники во Скопје, за клиничките болници во Битола, Штип и Тетово.

„Со овој тендер почнуваме нов начин на набавка на опрема. Распишуваме тендер за набавка на реагенси. Оној кој ќе понуди најниска цена, што ќе го добие тендерот има обврска да достави бесплатни апарати во лабораториите во овие десет здравствени установи,“ потенцира Тодоров.

Здравствените установи, како што рече, нема да имаат обврска да ја одржуваат опремата.Според него, на овој начин ќе се намалат трошоците во овој дел и ќе се овозможат нови инвестициски зафати во здравството.