ТОП,Македонија

Тодоров: СДСМ не прави никаков исчекор кон договор

Тодоров: СДСМ не прави никаков исчекор кон договор

Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ во меѓупартиските разговори Никола Тодоров пред денешните разговори ги повтори ставовите на неговата партија во врска со прашањата за ингеренциите на министерот за внатрешни работи и завршување на мандатот на техничката влада.

Според Тодоров, со тоа што СДСМ не ги прифаќа нивните предлози или принципи, како што кажа, очигледно е дека се подготвува за пораз на уште едни избори.

Денеска повторно ќе се обидеме да дојдеме до договор. Ние како и вчера и сите изминати денови сакаме договор и правиме се за да има договор. Она што го имаме од другата страна е постојано одбивање на сите предлози, рече Тодоров.

Во изминатиот период, посочи тој, ВМРО-ДПМНЕ беше таа која што постојано даваше нови предлози со цел да се доближат ставовите и да се најде решение.

Она што го гледаме е дека ВМРО-ДПМНЕ постојано се доближува до ставот на СДСМ, а СДСМ не прави никаков исчекор кон договор  И покрај тоа, ние даваме нови предлози со цел да се дојде до договор и да заврши агонијата во која што СДСМ ја втурна Македонија, рече тој.

Генерално, рече Тодоров, се разговара за две работи и тоа по завршувањето на изборите да заврши и т.н. пржинска влада и да не може да се прават масовни партиски чистки и злоупотреби во МВР за време на стоте дена од мандатот на пржинската влада.

Во однос на првото прашање, нашиот предлог е многу рационален. Доколку СДСМ победи на наредните избори нема потреба нивните министри и заменици да отстапат од позициите, доколку загуби потребно е да отстапат. Како што кажав, доколку се сигурни дека ќе победат ќе го прифатат тоа, нема што да изгубат. Но, доколку загубат ќе треба да отстапат, што е и чесно. Во демократијата граѓаните одлучуваат кој ќе ја води државата и само граѓаните, никој друг. Тие најверојатно сакаат да си ја продолжат функцијата 40 до 50 дена по секоја цена, изјави Тодоров.

Во однос на партизацијата на МВР, вели Тодоров, веќе не станува збор за хипотетичка ситуација.

Овде зборуваме за можност од повторување на истата ситуација која што ја имавме претходно, односно да се повтори она што веќе го направија. Сакаме да превенираме тоа да не се повтори (партиска чистка). Како што кажав, ветуваа додека се разговараше пред да се случи овој договор пред една година дека нема да има масовни смени и дека тие не се во МВР за да владеат, туку да го контролираат МВР за да не биде злоупотребено во политички цели. Го прифативме тоа, но она што се случи е тотално спротивно. СДСМ целосно го злоупотреби МВР за партиски цели со таа невидена чистка, со промена на околу 400 лица тие покажаа каков е нивниот стил на владеење. Тие опстоија на ставот на Заев кажан пред една година дека кога ќе дојдат на власт ќе сменат се, од чистачка до министер, рече претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку СДСМ ги прифати барањата на ВМРО-ДПМНЕ, според Тодоров, договор може да има уште денеска.

Тодоров вели дека е оптимист и дека во овој процес ВМРО-ДПМНЕ влегло со позитивна мисла во овој процес.

Сакаме оваа криза и овој процес да заврши. Предолго трае агонијата во која што СДСМ ја втурна земјата.

И Тодоров, како и Шекеринска и Груби, не изнесе детали за новата идеја што синоќа ја спомена амбасадорот Џес Бејли.