Тодоров: СДСМ се служи со измамнички тактики, Клинички се грее на гас

Министерот за здравство, Никола Тодоров денеска сите ги увери во неговото тврдење дека Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ се загрева со природен гас, а тврдењата и изразените сомневања на Социјалдемократите во врска со тоа ги нарече измамничка тактика.

Министерот објасни дека договорот што бил потпишан од Заедничка служба за набавка на мазут со рафинеријата „Окта“ е поради претпазливост односно во случај на дефект на системот за греење со природен гас бидејќи скопските клинички се објекти кои се од стратешко значење за државата.

„Тука многу е значајно она што договорот што е склучен од Заеднички служби  од она што сум информиран од директорката  е дека е склучен договор за сукцесивна набавка односно договор со кој што се овозможува да се плати онолку колку што ќе се повлече. Досега од овој договор нема повлечена никаква количина, последната количина на мазут која што е повлечена е некаде на средината на декември односно од претходниот договор. Пред да се гасифицира Клинички центар секој ден влегуваше од една до две цистерни мазут, дневно. Последната е дојдена на 16-ти декември која се чува како резерви“, изјави Тодоров денеска.

Обвинувањата на СДСМ во врска со гасификацијата на Клинички, Тодоров ги нарече измамничка тактика.

„Ова е една измамничка тактика, сигурно сите се сеќавате на ветувањата еден вработен во секое семејство, ќе падне северна трибина, буџетот ќе колабира, ќе нема за плати и пензии, ќе нема за школите и болницата. Доаѓаме до измамничката тактика Клинички центар не работи на гас“, вели министерот по што ги покани новинарите и снимателите во машинската просторија од каде се загрева целиот Клинички центар на природен гас.

Инаку, СДСМ вчера излезе со тврдење дека и покрај гасификацијата на Клинички бил склучен договор за набавка на мазут вреден 2,6  милиони евра со Окта и прашаа поради кои причини се набавува мазутот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.