Тодоров: Со новите здравствени методи пациентите нема да се препраќаат во други болници

При денешната посета на Берово и Пехчево, носителот на третата изборна единица од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров го промовираше проектот за воведување на 100 нови методи во здравстените институции во Република Македонија.

Тој истакна дека идејата на овој проект е да се воведат методи во клиниките во Скопје за да не се праќаат пациентите надвор од границите на Република Македонија, но и да се воведат нови методи во рамки на општите болници, клиничките болници во државата за да не мора да се препраќаат пациентите од внатрешноста во Скопје.

„Веќе овој проект го започнавме, а во општата болница во Кочани веќе е воведен нов метод за ехо на колкчиња на бебиња. Досега околу 500 бебиња се праќаа во Штип, а сега наместо да се препраќаат таму оваа дијагностика е врши во општата болница во Кочани. Исто тка во 2015 година предвидуваме воведување на интервентна ендоскопија во клиничката болница во Штип, со што ќе се згрижат поголем број пациенти кои се со крварења. На место да бидат препраќани во Скопје, да може да бидат згрижени во клиничката болница во Штип“, нагласи Тодоров.

Во однос на специјализацијата на докторите, тој посочи дека се завршени два огласи во кои 500-600 доктори се испратени на специјализација во странство, а во меѓувреме е спроведен проект со кој се овозможи враќање на преку 120 спеијалисти од приватното во јавно здравство.