Тодоров: Создадени услови за поефикасна здравствена заштита на жителите од Пехчево

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска ги посети реконструираните простории во Здравствениот дом во Пехчево и направи увид во функционирањето на новонабавената опрема во текот на минатата година.

„Со 2,5 милиони денари во опрема и со 1,1 милион денари за реконструкција на покривот, Министерството за здравство минатата година создаде услови за поефикасна здравствена заштита на жителите од Пехчево и околните места“, изјави Тодоров, пренесе МИА.

Директорката на Здравствениот дом во Пехчево, д-р Драгица Апостолова, го информираше министерот дека поранешните потешкотии во работењето на таа здравствена установа се надминати со набавка на поголем број медицински апарати како ЕХО на срце, мамограф и други дијагностички апарати, но и со можноста за специјализација на докторите од таа јавна здравствена установа.

Во Здравствениот дом во Пехчево се вработени 34 лица медицински персонал, но има потреба од педијатар, за што е во тек конкурс и според најновите сознанија на директорката наскоро овој проблем ќе биде надминат бидејќи од Скопје се јавил кандидат за пополнување на тоа работно место. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.