Во увид на местата кои беа најтешко погодени од вчерашното невреме денеса излегоа и министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и вицепремиерот и министер за здравство, Никола Тодоров, кои беа придружувани од претставници на Владата и општината Гази Баба.
Најпогодени од невремето се Стајковци и населеното место Економија. Поплавени домови, скрпени огради, уништени насади.
Граѓаните на министерот Тодоров и Спасов им ги споделија страшните искуства од невремето, а беа информирани дека екипи за проценка на штетите излегуваат веднаш на терен. На терен се и екипи од Црвен крст и АРМ кои им помагаат на граѓаните и им носат вода за пиење, која во моментов им е најпотребна.
-Ќе бидат обезбедени поголем број на цистерни, како и лекови бидејќи поголем број на граѓани останаа без потребните лекарства. Храна, облека и вода се исто така се потребни. Водата никако не смее да се пие од чешмите и бунарите, рече Тодоров.
Во училиштето „25 мај“ има храна и вода, а граѓаните од министрите беа информирани дека ќе бидат поставени и други клучни точки каде што ќе можат да се снабдат со вода, средства за хигиена, храна и облека.
-Храна и вода и облека ќе бидат донесени и во населено место Економија. Ќе исконтактирам и ќе договорам со екипите на Црвен крст, рече Спасов.
Страшното невреме кое вчера го зафати скопскиот регион однесе 21 жртва. Сите екипи кои се задолжени со справување со последиците од невремето се на терен.