Тодоров: SPECT/CТ камера за патофизиологија до средината на мај

Министерот Никола Тодоров денеска соопшти дека Министерството за здравство склучи договор за набавка на SPECT/CT камера за потребите на Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина.

– Оваа камера ја набавивме заедно со Медицинскиот факултет и е од огромно значење за целиот здравствен систем имајќи предвид дека другите камери што ги имаме на Институтот за патофизиологија се постари и многу честото нивно откажување и неработење создава сериозни листи на чекање и гужви за испитувања што се од огромно значење на пациентите, но и за докторите за поставување на дијагнозата, изјави министерот Тодоров.

Набавката ќе чини 24 милиони денари и се очекува камерата да биде доставена и инсталирана на Институтот за патофизиологија во средината на мај.

– Во Институтот има обучен кадар за ваква опрема, но сепак Институтот во мај ќе испрати на дополнителна едукација во САД една докторка, и уште една во септември, рече Тодоров.

Станува збор за најсовремена камера која досега воопшто ја немало во Македонија, ниту во јавното, ниту во приватното здравство.

– Со оваа камера ќе се овозможи двојно да се зголеми бројот на пациенти што ќе добиваат ваква услуга, рече тој. Со новата камера дневно ќе можат да се прават десетина снимања, односно двојно ќе се зголеми бројот на пациенти и двојно ќе се намали времето на чекање.

– Она што е најдикативно е дека времето за чекање се создава како резултат на честите дефекти. Да потсетам дека едната камера е од 1998, другата е од 2002, а третата е малку понова од 2007, но кога една од овие две камери кои се постари ќе се расипат и се надвор од функција веднаш се создава листа на чекање додека камерата се поправи, рече Тодоров.

Очекувањата се дека со новата камера нема да се создаваат листи на чекање.

Околу 8.000 пациенти годишно имаат потреба од ваква услуга од страна на Институтот за патофизиологија.

Деканот на Медицинскиот факултет д-р Никола Јанкуловски истакна дека за прв пат на овие простори се набавува една ваква софистицирана опрема.

– Ваквата опрема претставува еден нов исчекор во дијагностиката. Оваа софистицирана опрема е нова апаратура која прави сумблимат односно фузионирање на сликите што се добиваат од две методи, едната е медицинска нуклеарна метода, а другата дава прецизност и локализација на процесот со компјутеризирана томографија, рече д-р Јанкуловски.

Според него, ќе се намали листата на чекање на голем број пациенти кои имаат потреба од оваа камера.

– Оваа дијагностика ќе ни донесе подобро и попрецизно утврдување на болестите кај пациентите и понатаму на контрола кај овие пациенти, пред се, се однесува на малигните болести, рече д-р Јанкуловски.

Ќе се дијагностицираат, пред се, болести од онкологијата, од кардиоваскуларниот систем, од нефроуролошката патологија, од билиодигестивниот систем…

– На прво место ќе бидат дијагностицирани малигни тумори на тироидеата, паратироидеата и надбубрег и голем број на разни ендокринолошки заболувања, со што ќе забрза и постапката на дијагноза, следење и лекување на овие пациенти, рече д-р Јанкуловски.