Македонија

Тодоров: Вложени се напори за унапредување на квалитетот на дијализата

Тодоров: Вложени се напори за унапредување на квалитетот на дијализата

Под мотото „Бубрежно здравје за сите“ здружениеto на бубрежно болни „Нефрон“ го одбележа Светскиот ден на бубрегот – 12 март. На прес-конференција по повод одбележување Светски ден на бубрегот, министерот за здравство Никола Тодоров истакна дека во изинатиот период се вложени големи напори за унапредување на квалитетот на дијализата.

-Овозможивме изградба на нови простории за дијализа и целосна реконструкција на постојните, како и обезбедување современа апаратура согласно светските стандарди. Со цел превенција од хронични бубрежни заболувања, отворивме нефролошки пунктови со специјализиран кадар низ целата територија на државата, со што дополнително придонесовме кон поквалитетна грижа за оваа категорија лица. Долги години наназад здравствениот систем добивал сериозни критики за условите за дијализа. Здруженијата од оваа област, меѓу кои и здружението Нефрон, упатуваа апели за подобрување на условите за дијализа и подигнување на нивото на квалитет. Токму затоа,здравствениот систем вложи крупни напори за да се остварат барањата на здруженијата, но направивме и вложивме и многу повеќе од тоа, посочо Тодоров.

Од 2013 година, рече тој, центрите за дијализа се дадени на носители на лиценца за вршење на здравствена дејност дијализа , а пациентите добиваат квалитетен дијализен третман согласно европските и светските стандарди.

Пациентите кои се на дијализа добија комплетно нови центри за дијализен третман во, Визбегово, Гевгелија, Струмица, Куманово, Кочани и Делчево, Гостивар, Тетово, Битола додека центрите во Железара, Штип, Крива Паланка, Велес, Кавадарци, Прилеп, Дебар и Струга, се целосно реновирани и обновени, а за првпат се отворени центри за дијализа во Кичево и Охрид. Набавени се вкупно 365 најсовремени апарати за хемодијализа, со што капацитетот на дијализните центри се зголеми за 25%. Обезбедени се и 12 транспортни возила за превоз на пациентите – 8 комбиња и 4 санитетски возила.

-Со инвестирањето во нова опремазначително ги унапредивме третманот и грижата за овие пациенти, овозможивме продолжување на дијализното преживување, унапредување на квалитетот на живот на пациентите, како и значајна редукција на хроничните дијализни компликации. Исто така, во изминатите неколку години значително се зголеми бројот на извршени трансплантации, а според извештајот на Интернационалниот регистар за донирање на органи Македонија се вброи меѓу првите 10 земји со најразвиена трансплантација од жив донор, истакна министерот за здравство.

Според податоците од Клиниката за урологија, само во последните три години извршени се 103 трансплантации, од кои 12 се од кадавери.

Со цел рано откривање на хроничната бубрежна болест, како што посочи Тодоров, отворени сенефролошки пунктови во повеќе региони низ државата.

-Раното откривање всушност е главен предуслов за успешно спречување на губењето на бубрежната функција, како и намалување на сите ризик фактори за ова заболување, имајќи предвид дека кај сè повеќе луѓе се открива напредна бубрежна инсуфициенција без претходни симптоми или претходно познати бубрежни заболувања, рече тој, додавајќи дека нефролошките пунктови/ функционираат во рамки на повеќе јавни здравствени установи и тоа во Заводот за нефрологија – Струга, Општа болница Велес, Општа болница Струмица, Клиничка болница Тетово, Клиничка болница Битола, Здравствен дом Делчево, Општа болница Кочани, Општа болница Прилеп, Здравствена станица Железара и на други места.

Според податоците од системот МојТермин, само во првиот месец годинава во нефролошките амбуланти се прегледани околу 200 пациенти.

Министерството за здравство, посочи ресорниот министер, ќе продолжи да вложува во унапредување на условите за дијализа, третманот и грижата за лицата со хронични бубрежни болести, потенцирајќи дека ќе останат фокусирани на трансплантацијата со која значително се подобрува квалитетот на живот на овие лица.