Политика

Тодоров во Делчево: Реконструкцијата на Здравствениот дом ќе го подигне квалитетот на услугата

Тодоров во Делчево: Реконструкцијата на Здравствениот дом ќе го подигне квалитетот на услугата

Носителот на листа на ИЕ 3, Никола Тодоров, денеска престојува во посета на општина Делчево, во рамки на која ќе посети повеќе населени места во Делчевскиот регион.

По пристигнувањето во Делчево, Тодоров ја посети црквата „Св.Наум Охридски“, која претставува едно од главните обележја на градот, а потоа замина во прошетка и средба со граѓаните низ центарот на Делчево.

Во рамки на посетата, Тодоров истакна дека со новата програма на ВМРО-ДПМНЕ за периодот од 2014 – 2018 година, предвидени се голем број проекти од кои бенефит ќе имаат жителите на Делчево и целиот Делчевски регион.

Во оваа прилика, Тодоров се осврна на значајните инфраструктурни проекти кои е предвидено да се реализираат во претстојниот период, меѓу кои проектот за рехабилитација на регионалниот пат Делчево – планина Голак, како и проектот за рехабилитација на патната делница Кочани (Превалец) – Македонска Каменица – Делчево.

Во контекст на бенефитот за граѓаните од Делчево, Тодоров ја истакна и реконструкцијата на Здравствениот Дом во Делчево, која е веќе започната, а нејзината комплетна реализација ќе придонесе кон подигнување на квалитетот на здравствените услуги за граѓаните од Делчевскиот регион.

Во насока на целокупниот развој и напредок на ова подрачје, Тодоров порача дека со предвидениот почеток на изградба на ТИРЗ Делчево во текот на 2014 година, ќе се зголеми бројот на технолошки индустриски развојни зони во Република Македонија, а воедно ќе се подобрат условите за инвестирање во земјата и отворање на нови работни места, со цел постепено да се реализира предвиденото креирање на нови 64.000 работни места во текот на наредните четири години.

Тодоров најави посета на повеќе населени места во општина Делчево, во текот на денешниот ден, меѓу кои: Стамер, Град, Тработивиште, Разловци, Вирче, Габрово, Звегор и други.