Тодоров: Во јуни ќе започне изградбата на новиот Клинички центар, еден од најсовремените во југоисточна Европа (ВИДЕО)

Во јуни ќе започне да се гради новиот Клинички центар и претставува круна на она што досега е сработено, а станува збор за најсовремен здравствен објект со преку 70.000 метри квадратни, изјави во своето гостување во вестите на телевизија Сител министерот за здравство, Никола Тодоров.

„Во наредните 45 месеци, веројатно ќе биде еден од предизвиците дополнителни со којшто ќе се соочуваме како здравствен систем. Но, она што ќе следи е круна, би рекол, на сето она што досега е работено, а тоа е изградба на најсовремен објект на преку 70.000 метри квадратни вкупна нето површина, којшто ќе биде еден од најсовремените клинички центри во југоисточна Европа“, рече Тодоров.

Додаде дека со тоа се поставува нов сериозен и повисок здравствен стандард и оти тоа позитивно ќе влијае врз третманот на пациентите.

„Сериозно позитивни ќе влијае, суштински ќе го промени, имајќи предвид дека сериозно повисок стандард се поставува на функционирањето на целиот здравствен систем, особено во делот на интензивната нега каде што ќе имаме комплетно нов пристап, односно секој кревет ќе биде во посебна просторија, со што сериозно позитивно се влијае врз намалување на интрахоспиталните инфекции, што е еден од клучните аспекти за подобрување на третманот на овие најтешко болни лица. Но, исто така, она што многу значајно е што ќе се обезбеди поголем простор за амбуланти, поголем простор за чекалници и комплетно подобра организација. Имајќи предвид дека сега Клиниките се во повеќе различни згради и транспортот на пациенти од една во друга зграда претставува сериозна потешкотијам и за здравствените работници но и за пациентот“, додаде Тодоров.

Како што истакна, градбата се очекува да започне во јуни годинава, по потпишување на договорот, и ќе има рок на изградба од 45 месеци.

„Очекуваме градбата да започне по потпишување на договорот во јуни, 45 месеци се предвидени за градба, а за паркирање се предвидени две комплетно новикатни гаражи. Тоа ќе бидат најголемите гаражи во државата со капацитет од по 1.250 возила во секоја од нив, со што комплетно треба да се реши паркирањето во кругот на Клиничкиот центар. Особено имајќи предвид дека влезот на Клиничкиот центар што сега се користи за сите возила ќе биде наменет исклучиво за амбулантни возила од итната медицинска помош“, додаде Тодоров.

Рече станува збор за најголемиот инвестициски циклус во здравствената инфраструктура, затоа што покрај изградбата на Клиничкиот центар веќе неколку болници се реконструирани или е во тек нивната реконструкција.

„Во овој момент би рекол најголемиот инвестициски циклус во здравствената инфраструктура, затоа што покрај Клиничкиот центар кој што сега го започнуваме, кој што како што кажав претставува круна на се она што досега сме го работеле, во тек е изградбата на клиничката болница во Штип, тоа е 56 милиони евра вреден проект, исто така станува збор за една од најсовремените болници која што ќе биде изградена и во Македонија и пошироко. Во тек е и реконструкција на старата градска болница околу 2 милиони евра проект, во тек е реконструкција на болницата Свети Размо 3,5 милиони евра, во тек е реконструкција на болницата во Струмица, тоа беше дел од болница која што беше ете повеќе од 25 години стоеше така на забот на времето тоа е негде над 4 милиони евра, се заврши реконструкцијата на болницата во Прилеп, се заврши реконструкцијата на болницата во Битола надворешната реконструкција и реконструкцијата на болницата во Велес“, истакна министерот за здравство, Никола Тодоров.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.