Тодоров: Во поплавите беа спасени 1.000 луѓе

Во гостувањето во Отвореното студио на ТВ Нова, вицепремиерот и министер за здравство, Никола Тодоров истакна дека во невремето биле спасени околиу 1.000 луѓе.

-Полицијата и војската мораа педа до педа да пребараат дали има затрупани и заглавени луѓе, но за жал имаше и жртви, иако има голем број на спасени, вели Тодоров.

-Ме разочараа обвинувањата од пратеничката Софија Куновска, да беа кон мене упатени немаше толку да ме погодат, колку што ме погодија овие, бидејќи знам што правеа на лице место полицајците и војниците. Таа пожртвуваност не треба да се критикува, додава тој.

Тодоров истакна дека што се случувало во погодените подрачја наликувало на сцени од хорор филм, апокалиптични и страшни слики, водата носела сè пред себе.

-Улици, возила, буквално сè носеше водата. Сите се координиравме. Градоначалниците Коце Трајановски, Тони Трајковски, министерот Дритон Кучи, од првиот момент беа на терен, изјави Тодоров.

Тој додава дека 3 часот по полноќ бил свикан првиот состанок на оперативниот штаб, но претходно сите биле излезени на терен.

-Се обидувавме да се координираме и да се помогне веднаш на терен бидејќи имаше многу јавувања. Страшна природна катастрофа. Првата одлука беше да се почне веднаш со спасување и пребарување. Тоа е протокол по кој мора да се оди, вели Тодоров.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.