Тодоров во работна посета на Германија и Словенија

Министерот за здравство, Никола Тодоров е во дводневна работна посета на повеќе медицински центри во Словенија и во Германија, каде ќе оствари работни средби со менаџментот на реномирани здравствени институции во овие земји. На средбите ќе се разговара за можноста за дообука на медицински кадри од дефицитарни струки и специјалности, кои се дел од Програмата на Министерството за здравство за дообучување соодветен специјалистички кадар од македонските болници во реномирани медицински центри во странство.

Во текот на работната посета, министерот Тодоров ќе оствари работна средба со менаџерскиот тим на Универзитетскиот медицински центар во Љубљана, како најголема болница во Словенија и една од најголемите во регионот, по што се планирани посети на повеќе врвни здравствени установи во Франкфурт, Германија, меѓу кои се: Универзитетската болница во Франкфурт и клиниката Хајдекреис со болниците во Золтау и Валсроде, каде ќе бидат потпишани Меморандуми за соработка во областа на здравството.

Со Меморандумот се дава можност за реализирање поголем број краткотрајни и долготрајни обуки на здравствени работници од сите области во медицината во овие реномирани медицински центри, како и стручен престој на словенечки и германски медицински експерти во здравствените установи во Република Македонија, со што се овозможува нашите здравствени работници да имаат пристап до врвна медицинска едукација и обука, вклучувајќи и интервенции и процедури кои не се вршат во Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.