Македонија

Тодоров во работна посета на САД

Тодоров во работна посета на САД

Министерот за здравство, Никола Тодоров, од денеска престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави, каде ќе оствари средби со повеќе експерти од здравствениот сектор.

Во рамки на посетата на министерот, организиран е мини-форум на кој ќе присуствува раководството и претставници на повеќе реномирани здравствени институции од САД, меѓу кои: Асоцијацијата за медицински туризам (Medical Tourism Association), болницата Џон Хопкинс (Johns Hopkins Hospital), Американската академија за пластична хирургијa, како и со претставници од Националниот институт за дијабетес и дигестивни и бубрежни болести.

На мини-форумот, министерот Тодоров ќе одржи презентација за промоција на концептот за основање слободни здравствени зони, во насока на развој на здравствениот туризам, како и привлекување странски капитал за воведување  нови методи, зголемување на конкурентноста, како и зголемување на квалитетот на високообразовната понуда од областа на медицината.

Во текот на посетата, министерот ќе одржи повеќе средби со претставници на споменатите институции и потенцијални инвеститори, при што ќе се сретне и со највисокото раководство на Националниот здравствен институт, кој претставува главна агенција за медицински истражувања на федералната влада. Националниот здравствен институт го сочинуваат вкупно 27 центри, со персонал од над 300.000 истражувачи од над 3.000 универзитети, медицински школи и други истражувачки установи во САД и светот.