Македонија

Тодоров во Рим потпиша договор со Универзитетот Сапиенца

Тодоров во Рим потпиша договор со Универзитетот Сапиенца

Министерот за здравство, Никола Тодоров, престојува во работна посета на Италија, во рамки на која оствари средба со ректорот на реномираниот Универзитет Сапиенца во Рим.

Во текот на средбата беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Универзитетот Сапиенца и Министерството за здравство на Република Македонија.

-Со потпишаниот Меморандум за соработка се утврдени аспектите на заедничка соработка и размена на искуства, преку организирање обуки и едукации за доктори-специјалисти, медицински сестри, перфузионисти и други здравствени работници од Република Македонија во рамки на Универзитетот Сапиенца во Рим, програми за стручни престои на медицински специјалисти, особено од областа на кардио-васкуларна хирургија, анестезиологија и кардиоваскуларни болести, како и обуки организирани од страна на медицински експерти од Универзитетот Сапиенца во релевантни медицински центри во Република Македонија. Воедно, на средбата беше разгледана можноста за организирање повеќемесечни престои (3 – 6 месеци) на специјализанти од Република Македонија во рамки на овој реномиран Универзитет, соопштуваат од Министерството.

Универзитетот Сапиенца во Рим е меѓу најголемите универзитети во Европа, а воедно е најстар државен универзитет во Рим, кој е рангиран меѓу најдобрите 30 универзитети во Европа според Шангајската листа.