вторник, 23 мај 2017  |  Вести денес: 55

Тодоров: Водата во Дојранско езеро е исправна за капење

Нашата легислатива е усогласена со европската и согласно европските правила водата е комплетно исправна за капење и нема потреба од никакви ограничувања, посочи Тодоров.

dojran-1-5

Последни вести

Водата во Дојранско езеро е комплетно исправна за капење, не предизвикува опасност по здравјето на луѓето и нема потреба од никакви ограничувања, изјави денеска министерот за здравство Никола Тодоров, при посетата на Медицинскиот симулациски центар.

Тодоров, во однос тврдењата од Државниот инспекторат дека водата во Дојранското езеро е од трет степен и е небезбедна за капење, посочи дека согласно направените мерења и директивите за исправност на водата за капење на Европската унија, Дојранското езеро има исправна вода и изрази очекување дека тоа ќе биде констатирано и од надлежниот инспекторат и забраната ќе биде повлечена.

– Детално го испитав случајот со моите соработници во Министерството. Прво, лабораториските анализи и резултатите кои се направени се точни, но ставени се во погрешен контекст. Ставени се во контекст на правила кои се одамна напуштени во Европска унија, односно направени се мерења кои се споредени со параметри кои повеќе не се применуваат, изјави Тодоров.

Посочи дека мерењата покажуваат нула ешерихија коли и нула фекални бактерии и дека од тој аспект водата е исправна и не предизвикува опасност по здравјето на луѓето.

– Нашата легислатива е усогласена со европската и согласно европските правила водата е комплетно исправна за капење и нема потреба од никакви ограничувања. Дополнително, и од грчка страна се прават вакви мерања и таму покажуваат дека водата е исправна за капење, изјави Тодоров.

Според Тодоров, доказ за тоа е што во целиот период пред да се објават мерењата нема сериозни заболувања на капачи од Дојранско езеро и дека во целиот овој период има само еден случај на ентероколит што е далеку помал од просекот за овој период од годината.

Најчитани вести