Тодоров: Здравството го затекнавме целосно запоставено, сега има сериозно поместување и тоа со огромни чекори

Во здравството овој период, и јас од кога сум министер и пред јас да бидам министер, односно од кога ВМРО-ДПМНЕ ја превзема одговорноста за Владата и за државата, има сериозно поместување и тоа со огромни чекори.

Ова го истакна министерот за здравство Никола Тодоров кој гостуваше во вчерашната емисија „Јади Бурек“.

Од друга страна имате политичари или партија која што тој сектор го имала целосно запоставено, комплетно запоставено и во кој што тотално ништо не инвестирале или многу малку инвестирале, занемарливо малку. Сектор во кој што имало огромни проблеми- немало опрема, имало застарена опрема, застарени возила, немало нови методи, постојан одлив на кадар, мал број на специјализации, реформи кои во голема мера биле на штета на системот или на пациентите, значи антиреформи, нерационално трошење на средствата, богатење на неколку веледрогерии и систем во кој постојано имало недостаток на лекови, медицински потрошен материјал, опрема скоро никаква, рече Тодоров.

Од другата страна, додаде министерот, имаме наеднаш фокус на здравството.

Нова опрема, нови амбулантни возила, нови методи, едукација на лекари и сериозни инвестиции во здравствената инфраструктура, сериозни реформи на системот и наеднаш има сериозно поместување во здравството. И затоа тие луѓе немаат што да кажат на ова и пробуваат повторно да ловат во матно, да ловат на нечија мака, на нечиј несреќен случај, да ловат политички поени, нешто што јас никогаш не би го направил. Подобро да ме нема во политиката, отколку да се обидувам на маката на некој човек да добијам политички поен. Но, за нив не е, потенцираше Тодоров.