Томас победи на 11 етапа и ја презеде жолтата маичка

Возачот на британскиот „Тим Скај“, Гарејнт Томас е победник на 11 етапа на Тур де Франс по која Велшанецот го презема водството во генералниот пласман. Томас на импресивен начин славеше на делницата која се возеше од Албертвил до Ла Роси, откако шест километри пред крајот на трката почна да напаѓа на искачувањето кај Ла Роси. Тој трката ја заврши со 20 секунди предност во однос на Холанѓанецот, Том Думулин од „Тим Санвеб“, колку заостана и тимскиот колега на Томас, бранителот на титулата, Крис Фрум.

Белгијанецот Грег ван Авермет, кој беше во водство во генералниот пласман од третата етапа, ја заврши трката во главниот пелотон, далеку од победникот Томас.

Етапата беше долга 108 километри и ја покажа целата моќ на „Тим Скај“ во планински услови.
Сега во генералниот пласман прв е Томас со 1 минута и 25 секунди предност пред Фрум, трет е Думулин со заостаток од 1.44, четврти е Италијанец Виченцо Нибали, а петти е Словенецот Примож Роглич.