Томовска: ФИНКИ стана мотор на информатичкото општество во Македонија

Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, денеска ја одбележа тригодишнината од своето постоење, на чија свеченост присуствуваше и заменик министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска.

Во своето обраќање таа истакна дека само после три години ФИНКИ стана еден од најпрестижните македонски факултети, чии професори и студенти станаа мотори на развојот на информатичкото општество во Република Македонија.

„ФИНКИ денес е вистински партнер и на компаниите и на Владата. Многу проекти, апликации и системи кои денес се користат во државните институции и приватните компании се токму производ на посветената работа на здружениот наставничко-студентски тим на ФИНКИ“, рече Арсовска Томовска.

Осврнувајќи се на огромниот подем на ИКТ технологиите на глобално ниво, заменик министерката додаде дека интеракцијата на човекот со машината и на машината со интернетот, комплетно ќе го промени начинот на кој живееме, а за помалку од 10 години на интернет нема да биде само персоналниот компјутер или мобилен уред, туку се ќе биде онлајн.

„Во следната деценија светот ќе создаде милијарда нови потрошувачи. Затоа подгответе се за иднината, таа ќе биде тука додека трепнете со окото. ИТ компаниите забрзано работат на промените и тврдат дека нема доволно човечки ресурси кои ќе го следат развојот на технологијата. Во оваа професија има место за сите вас, добрите идеи нека излезат од вашите умни глави, вредно работете на нив, и повеќе од сигурно е дека ќе ја креирате историјата“, им порача Арсовска Томовска на студентите на ФИНКИ.

На одбележувањето на роденденот на ФИНКИ, свои обраќања имаа и деканот на факултетот, Димитар Трајанов, министерот за образование и наука, Спиро Ристовски и проректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј„ Влатко Стоилков.

На најуспешните студенти на факултетот им беа доделени пофалници и признанија за постигнатиот успех во изминатите години на студирање.