
Живи ли се Илија и Билјана, преживеаја ли? И Снежана, мртва ли е? Ова биле првите зборови на Тони Станоев откако бил уапсен вчера на градските гробишта во Kавадарци, каде што најверојатно сакал да ~ пресуди и на сопругата на погребот на нејзините родители и сестра. Трикратниот убиец бил уапсен на дваесетина метри од капелата, каде што во моментот имало погреб на старица. Станоев, најверојатно, сметал дека дента ќе биде погребот, па ја чекал сопругата за да ~ пресуди. На драматичното аматерско видео од апсењето направено со мобилен телефон од граѓанин се гледа дека Станоев бил уапсен од полицајци во цивил. На снимката се гледа полицаец со панцирен елек и автоматска пушка, кој пукал во воздух за да го заплаши осомничениот, пишува Дневник.
Истрели низ Kавадарци
Полициски извори за „Дневник“ откриваат дека кавадаречките полицајци буквално не спиеле за да го пронајдат убиецот. Полицијата имала одредени сознанија и вршела претрес во објекти.
– Особено обрнавме внимание на разговори со негови роднини и пријатели, но и на проверка на населби, викендички, напуштени куќи и недоизградени објекти. Имавме сознанија дека има пиштол со себе и два куршума, кои наводно ги чува за себе и за жена си. Затоа според нас, логично беше да го лоцираме некаде околу гробиштата оти каде инаку би можел најбрзо да дојде до сопругата, ако не на погребот. Се покажа дека добро размислуваме и откако го лоциравме околу градските гробишта го чекавме да се појави – вели нашиот полициски извор.
Kога ги видел полицајците, убиецот почнал да бега, но тие му викале да застане и да се предаде. Во прво време не сакал да ги послуша, па тие морале да испукаат предупредувачки рафали од пушка. Еден бил испукан во негова близина за навистина да ја сфати сериозноста на предупредувањата.
– Полицајците истрчаа, го престигнаа и го совладаа иако во прво време даваше мал отпор. Потоа го приведоа. Му го одзедоа пиштолот во кој имаше два куршума. Проверуваме дополнително дали тој навистина спиел во гробиштата и каде се движел по убиството досега – вели нашиот извор.
Очевидци на апсењето биле десетици граѓани што дошле на погреб на постара кавадарчанка, како и лица што биле во близина на гробиштата.
– Штом спукаа, бегавме. Не дај боже, можеше некој заталкан куршум да н` погоди и нас. Не знаевме што носи со себе убиецот и што му е во умот, па се тргавме настрана и се крстевме во полицајците да го фатат. Тие најпрофесионално си ја завршија работата. Бркотница како на филм – велат очевидците.
Тие слушнале пукање некаде кај старите резервоари за вода.
– Беа неколку истрели, три или четири. Убиецот бил лоциран на гробиштата, па го збркале, а тој избега надолу по улицата што од Kавадарци води кон Прилеп. Сите го видовме тука, а по него потера од полицајци. Го бркаа некаде околу околните куќи, по што повторно избега накај гробиштата. Тогаш полицајците испукаа предупредувачки – велат очевидците на вчерашното апсење.
Kавадарчани огорчени
Тие велат дека во исто време имало погреб на една баба, па тој можеби чекал да види дали ќе ги погребуваат неговите жртви.
– Носеше сиво палто, капа и чизми. Беше на неколку метри од нас. Додека трчаше наоколу, не му го видовме пиштолот, но пред да го уапсат петнаесетина метри од капелата, го извади оружјето меѓу надгробните споменици. Викаше „не приближувајте се, ќе пукам“- вели очевидец.
Тогаш еден од полицајците му довикнал на Станоев да го фрли пиштолот и да се предаде, заканувајќи му се дека ќе пука, по што се слушнале неколку предупредувачки истрели.
– Kога убиецот виде дека нема каде да бега и оти е опколен од сите страни од полицајци, чиј број се зголемуваше, го фрли пиштолот и го уапсија. Ми се чини дека како да беше преплашен, не можеше да преземе што било. Барем така мене ми се чинеше – раскажува очевидецот.
Станоев бил забележан близу гробиштата и завчера околу 15 часот. Случаен минувач го препознал и го пријавил во полиција. Очевидците претпоставуваат дека убиецот се криел или имал намера да се скрие кај тиквешкото езеро, каде што има околу 3.000 викендички и каде што потешко би бил пронајден. Дел од викендичките се на непристапен терен и во минатото биле скривалиште за луѓе што сакале да се скријат без разлика дали бегале од луѓе, од проблеми, од правдата.
Луѓето со кои разговаравме рекоа дека го осудуваат злосторството и оти проблемите не се решаваат со пиштол.
– Најтешко, сепак, е за неговите две деца, кои не можат да се појават на школо. Едното од нив учи со моето внуче и вчера не беше на училиште. Kако сега ќе оди на училиште тоа дете? – прашува кавадарчанец.
Со осуда на убиството се огласи и кавадаречкиот градоначалник Александар Панов.
– Нема граѓанин на општина Kавадарци кој не е згрозен и погоден од овој немил настан. И стравот е нормална работа, бидејќи станува збор за мирен град во кој ретко се случуваат вакви настани. Најголемите губитници во оваа трагедија се сепак малолетните деца, за кои ние како општество ќе мораме да сториме с` за кај нив да останат што е можно помалку траги од овој настан – рече Панов изразувајќи сочувство до другите членови на семејството.
СОПРУГАТА ВО БОЛНИЦА ПО ПРЕЖИВЕАНИОТ ШОК
Сопругата на Станоев, Данче Леова, по масакрот била хоспитализирана во болницата во Kавадарци, каде што дошла откако го пријавила убиството и ги затекнала убиени своите родители и сестрата Снежана.
Информацијата ја потврди директорот на болницата, Орце Ангеловски.
– Жената од претрпениот шок и стрес е згрижена во болницата веднаш по инцидентот. Постојано има заштита од полиција – изјави Ангеловски.
Тој не сакаше да каже дали Леова с` уште е во болницата.