Топ 5 нови странски инвеститори во Македонија

Македонија е пред нов инвестициски бум. До крајот на годинава во земјава треба да почнат да се градат повеќе фабрики на странски инвеститори. Дел од нив ќе почнат да работат и во веќе постоечки погони, како браунфилд инвестиции. Порталот Лидер анализира кои се најголемите пет нови инвеститори, кои ја одбраа Македонија како дестинација за лоцирање на нивното производство, односно како место за правење бизнис.

„ВЕИБО“ – текстилниот гигант ќе прави и челични профили

Текстилниот гигант ги зголеми „апетитите“ за земјава. На средбата со македонската владина делегација во Кина, менаџментот ги претставил деталните планови. Освен интегрирана текстилна зона во Ранковце, во чии рамки ќе има ткајачница, предилница, фарбара и погон за производство во делот на машката конфекција, групацијата планира да изгради и две нови фабрики за производство на челични профили, потребни во градежништвото.
Бројот на вработени, во период од неколку години, треба да се искачи на 5.000, иако од менаџментот на компанијата најавиле дека со новите планови, со новите две фабрики, може да биде и натфрлена првично предвидената бројка.
„Многу е важно што, покрај работници за текстилната и челичната индустрија, ќе се отворат работни места и за многу правници, економисти, инженери, информатичари, друг кадар, кои ќе си го најдат своето место во оваа инвестиција“ – изјави премиерот Никола Груевски.

Изградбата на фабриката треба да почне во втората половина на годинава, а првите зделки се веќе најавени за почетокот на 2015-та. ВЕИБО ќе работи целосно за извоз (под ознаката „Made in Macedonia“), а во период од пет години се очекува вредноста на извозот да достигне од 600 до 800 милиони долари. Комплексот ќе се простира на површина од 400.000 квадратни метри, а вредноста на инвестиција ќе изнесува цели 400 милиони долари. Македонија е четвртата држава каде мултинационалната ВЕИБО групација ќе има свој бизнис. Тие веќе вработуваат 14.400 луѓе во Кина, Турција и Камбоџа, поседуваат речиси 3.000 продавници, а соработуваат со Масимо Дути, Кортефил, Хуго Бос, Левис.

Во игра за нивната голема инвестиција биле неколку земји од регионот, меѓу кои Србија, Бугарија, Романија, Албанија, но на крајот, изборот паднал на нашата земја.

КСС ќе ја врати индустријата во Кичево

Американската КСС (Key safety systems) годинава почнува со работа како браунфилд инвестиција во стар капацитет на ЕМО и најверојатно во уште еден запуштен погон. Паралелно, на површина од 10.000 квадратни метри ќе градат целосно нова фабрика за производство на воздушни перничиња, потребни за автомобилската индустрија. Вредноста на инвестицијата изнесува 20 милиони долари, а само во првата фаза ќе бидат отворени 1.000 работни места.
„Ние сметаме дека бизнис-климата е мошне поволна за инвестирање во производство во земјата. Веруваме дека владините политики за привлекување странски инвестиции, за развој на инфраструктурата во земјата и за подобрување на образованието се мошне напредни и тоа е она што не привлече во земјата“ – ја објасни својата инвестициска одлука, заменик – претседателот на КСС, Џим Скарпа.

Преговорите со КСС биле маратонски и траеле повеќе од пет години, но американците никогаш не се откажале од идејата да вложат во земјава. Ниту македонските власти се откажале од намерата, оваа компанија да ја донесат тука.
“Треба долгорочно работење, упорност и не треба да се обесхрабруваме ако во еден момент некоја компанија реши да инвестира на друго место, затоа што на крајот, секогаш постои можност ние да излеземе како победници во таа битка„ – смета првиот човек на слободните економски зони, Виктор Мизо.

КСС има меѓународна мрежа од 29 продажни и производствени капацитети, а петте главни технички центри им се лоцирани во САД, Германија, Јапонија, Кина и Јужна Кореја.

Германски „ОДВ Електрик“ – нова надеж за охридското стопанство

Германски „ОДВ Електрик“ веќе почна со скенирање кандидати за работа, а дел од нововработените ги испрати на обука надвор од земјава. Кон крајот на летото почнуваат со пробно производство, за паралелно, на 10.000 квадратни метри, да ја изградат својата нова фабрика, на потегот меѓу аеродромот „Св. Апостол Павле“ и селото Мислешево. Компанијата со седиште во Франкфурт, во земјава ќе произведува електрични инсталации за Порше, Мерцедес и БМВ.

Инвестицијата вредна 15 милиони евра треба да отвори 1.000 работни места.

„Еден ваков објект, една ваква фабрика од автомобилската индустрија, за охридско – струшкиот регион ќе донесе дополнителен раст и развој“ – оценува универзитетскиот професор од Прилеп, Борка Соколовски.
„ОДВ Електрик“ тргна по стапките на германски Маркард, компанијата чија фабрика се гради под полна пареа во велешко Караслари. Комплексот треба да биде готов идната година. Се работи за инвестиција од цели 35 милиони евра, која ќе донесе нови 600 вработувања.

Украинци вложуваат во еколошки технологии!

Енергија Лимитед од Киев до крајот на годинава треба да почне со изградба на својот погон во зоната Бунарџик 2, веднаш до белгиски Ван Хул. Планираат да вложат 18 милиони долари, во капацитет кој ќе се простира на површина од 20.000 квадратни метри, со што ќе се отворат 150 директни и уште најмалку 50 индиректни работни места.

„Планираме преку нови еколошки технологии да произведуваме системи за прочистување вода, кои ќе бидат наменети за извоз. Главните наши пазари се Блискиот Исток, Африка, Централна Европа. Очекуваме годишно производство вредно околу 20 милиони евра“ – објаснуваат од компанијата.

И разговорите со Украинците не биле лесни. Траеле пет години, односно од 2009-та, кога амбасадор во Украина беше актуелниот во Русија, Илија Исајловски.

„Инвестицијата на Енергија Лимитед е доказ дека и дипломатијата може да придонесе во привлекувањето странски инвеститори“- изјави амбасадорот.

Земјава лесно може да добие уште еден украински инвеститор. Компанијата „Константиновски“ врши детални геолошки истражувања на две локации во Валандово и на една во Старо Нагоричане, по што ќе одлучат дали ќе градат фабрика за преработка на бакар. Првичните информации покажале дека потенцијал има, па ако се потврдат информациите, компанијата, според најавите, ќе реализира инвестиција од 200 милиони долари и ќе отвори 500 работни места.

Италијански компании се позиционираат во Македонија

Глобалниот лидер во технологијата на дигитално печатење, италијански Дијатек, годинава треба да почне со изградба на својата фабрика во Бунарџик. Инвестицијата е вредна 10 милиони евра и ќе отвори 200 работни места. Италијанците ќе произведуваат во земјава, но целото производство ќе биде наменето за извоз во Источна Европа и на Медитеранот. Дијатек веќе има погони надвор од матичната земја, во Германија, Франција, Швајцарија и Америка.
Освен оваа, земјава ја скенираат уште неколку компании од Италија.

„Во моментов има две италијански компании кои се заинтересирани да вложат во Македонија и кои веќе ги разгледуваат можностите за ова“ – открива министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески.

Компаниите веќе биле во посета на земјава, но нивните имиња нема да се објават, сè до носењето на конечната одлука за инвестирање.

Статистиката ги потврдува позитивните трендови

Во првиот квартал од годинава во земјава влегоа 87 милиони евра СДИ – објави Народната банка. Ова е за 10 милиони повеќе, споредено со истиот период лани. Само во март, НБРМ регистрирала инвестиции вредни 30 милиони евра.

Доколку овој тренд се задржи, тогаш ќе се остварат владините проекции за годинава, според кои, 2014-та ќе ја заокружиме со околу 350 милиони евра СДИ.