Топаловски: Немав намера никого да убијам

Ѓорѓи Топаловски не го негираше обвинението, но рече дека не се сеќава на моментот кога пред цвеќарницата Грин Планет на „Илинденска“ ги убил Андреј Филип и Новица Благојевиќ, бидејќи во тој момент му паднал мрак пред очи, пренесува Канал 5.

Во судница раскажа дека го тепале со лопати тупаници и клоци, но крвта му зоврела кога Андреј Филип му рекол дека ја киднапирале жена му кој била 7 месец трудна и му се заканил дека ќе ја силуваат, по што како што рече, почнало да му татне во главата.

Толаловски во цвеќарницата купувал букет за родителите на сопругата која е Србинка. Се спремале токму тој ден да избегаат во Белград кај нејзините родители, бидејќи тука како што рече заканите и нападите од Андреј Филип и негови блиски луѓе не престанувале. Му барал 10 илјади евра, но тврдеше дека не биле за долг или лихва, туку за да ги остават на мира неговата сопруга и нејзината другарка исто така белграѓанка кои тука работеле како танчарки.

-Немав намера никого да убијам само сакав да избегам бидејќи се грижев за семејството. Не ме оставија. Жал ми е што се изгубени животи. Тој другиот дечко Новица Благоевиќ не го видов, не знам кое, ниту сум имал кавга со него, рече Топаловски во судница, пишува Канал 5.

Рече дека критичниот 22 ноември 2007 година не носел пиштол со него и не се секава со чиј пиштол пукал ниту како стасал во гаражата во Карпош 4 каде што го оставил автомобилот.

Се јавил кај сопругата и каже да оди во Белград бидејќи не е безбедно, а тој тргнал пеш по планини и шуми. Се хранел по бачила и викендички што ќе најде и по 20 дена стасал во Ниш.

По ова преку пријатели во Белград извадил романски документи со лажен идентитет и така стасал до Доминиканската Република, каде беше фатен пред две години и неодамна екстрадиран. Рече дека само фиктивно се развел со жена му за да ја заштити, но таа потоа со синот дошле таму кај него.

Таткото на Благојевиќ рече дека неговиот син имал нормален живот, не бил проблематичен ниту се занимавал со лихварство. По убиството му рекле дека се нашол на погрешно место во погрешно време. Тешко му паднало кога му кажале дека не само што е убиен туку е и прегазен. Најави оштетно побарување и се приклучи кон кривичниот прогон.