„Топол културен бран“ во Македонија ова лето

Македонските граѓани и гости од регионот ќе можат да проследат повеќе од 160 настани во рамки на седмото издание на манифестацијата „Топол културен бран“. Програмата ќе се реализира во два циклуси, од 20 до 31 јули и од 20 до 31 август.

Годинава „Топол културен бран“ ќе има во општините Вевчани, Валандово, Велес, Градско, Кавадарци, Ресен, Маврово-Ростуше, Пехчево, Пробиштип, Радовиш, Крива Паланка, Кривогаштани, Могила, Неготино, Кочани, Дојран, Гевгелија, Демир Капија, Македонска Каменица, Кратово, Делчево, Охрид, Берово, Кичево и Богданци.

Во рамки на „Топлиот културен бран“, посетителите ќе уживаат во концертите на „Монистра“, „Љубојна“, „Чалгија саунд систем“, во концертите на џез и сериозна музика со гости од целиот регион, настапи на сите театри од Република Македонија, стенд-ап изведби на актерите Сашко Коцев, Весна Петрушевска, Маријан Ѓоргиевски, ревија на македонски филмови и многу други настани.

Манифестацијата „Топол културен бран“ првпат е воведена во 2008 година. Досега граѓаните имаа можност да присусуствуваат на повеќе од 600 културни настани.

„Како што најавив од оваа година ќе се реализираат и манифестации во градовите кои имаат големи туристички потенцијали. Дојран, Берово, Ресен и Градот на културата за 2014 година Крушево, се првите општини кои заедно со Министерството за култура ќе ја започнат реализација на овој проект кој ќе создаде предуслови за конкурентност на севкупниот туристички сектор во државата. Во овие градови, во наредниот период ќе се реализираат речиси половината од настаните, ревии на македонски современ филм, настапи на театрите од Републиката, концерти на домашните реномирани изведувачи од областа на популарната, но и народната музика и други содржини“, истакна Канческа-Милевска. Таа нагласи дека овие настани ќе го збогатат имиџот на овие градови како туристички дестинации, ќе мотивираат голем број на странски и домашни туристи да ги посетат овие општини, ќе ги стимулираат локалните бизниси и ќе отворат нови перспективи за дополнителни инвестиции од кои најголем бенефит ќе има локалната заедница.

„Топлиот културен бран“ несомнено ја постигна својата цел, дисперзирање на културните содржини. Создаде еден силен културен импулс кој ги допре и областите на неформалната едукација и презентација на културните вредности кои ги поседуваме како држава, рече на денешната прес-конференција министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. Изрази надеж дека настаните ќе го збогатат културното живеење во сите општини во Македонија, пишува порталот „Cooltura“

„Верувам дека и оваа година, манифестацијата „Топол културен бран“ како и збогатените содржини кои ќе се реализираат во нашите туристички центри ќе го потврдат партнерскиот однос на локалната и централната власт, соработката помеѓу Министерството за култура и локалната самоуправа“, рече министерката за култура.

Градоначалниците на Берово, Ресен, Крушево, Велес и Дојран, кои беа присутни на прес-конференцијата, се согласија дека сите културни настани ќе придонесат за збогатување на туристичката понуда во општините.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.