Торес го напушта Атлетико Мадрид

Шпанскиот фудбалер Фернандо Торес најави дека на крајот од оваа сезона ќе ги напушти редовите на Атлетико Мадрид.

„Никогаш не е добар момент за збогување, но морам да бидам чесен кон навивачите и водството на клубот и навреме да го најавам заминување“, изјави 34-годишниот напаѓач.

„Време е да ослободам место за некој друг“, додаде Торес ко меѓу навивачите на Атлетико го ужива статусот на херој.

Ја појасни и причината поради која повторно го напушта клубот. „Не постои проблем меѓу мене и тренерот. Оваа одлука е исклучиво моја“, рече Торес.

Торес својата богата фудбалска кариера ја започна во редовите на мадридски „јорганџии“, а потоа во 2007 година се пресели на Ливерпул а на Островот настапуваше и за Челзи, од каде се пресели во Милан, а во 2015 година се врати во Атлетико.

Во дресот на Атлетико Мадрид одигра 393 мечеви на кои постигнал 126 голови. За шпанската селекција, пак, има одиграно 110 натпревари на кои постигнал 38 голови, а со „Црвената фурија“ има една светска, во 2010-та, и две европски титули, во 2008 и 2012 година.