Торстен Фрај: Кон демократијата припаѓа и прифаќање на изборните резултати – онакви какви се!

Изборната победа на партијата на премиерот Никола Груевски, според германскиот пратеник Торстен Фрај (ЦДУ-ЦСУ), е шанса за континуитет на владата. Тој вели – кон демократијата припаѓа и прифаќањето на изборните резултати, онакви какви се, објавува „Дојче Веле“.

„Одржаните претседателски и парламентарни избори во Македонија ги потврдија очекувањата дека владеачката партија на премиерот Никола Гуевски во Собранието повторно ќе биде присутна иако не со апсолутно, туку со убедливо мнозинство, со што ќе може да ја продолжи својата работа за Македонија. Сметам дека ова е голема шанса за владата на Груевски. По ланските локални локални избори, Груевски сега на парламентарните повторно ја доби довербата од избирачите, така што верувам дека ќе се погрижи за континуитет на земјата. Конкретно, мислам на претстојниот период во кој нема да има избори и во кој ќе може да се сконцентрира на внатрешно и надворешнополитичките предизвици “, изјави за „Дојче Веле“ синоќа Торстен Фрај, пратеник на ЦДУ-ЦСУ и член на Комисијата за Европската унија во германскиот Бундестаг.

Парламентарецот Фрај, кој инаку е известувач за Македонија во пратеничката група на демохристијаните на Меркел, забележува дека од она што во текот на првиот ден по изборите имал можност да го слушне е дека ОБСЕ немал големи забелешки за текот на неделното гласање.

„Од моја гледна точка обвинувањата за манипулации, посебно од страна на социјалдемократите, треба да се посматраат трезвено. Од она што јас до сега го знам, не станува збор за сериозни нарушувања кои доколку ги немало би довеле до поинакви изборни резултати. Кон демократријата припаѓа и прифаќање на изборните резултати, онакви какви што се “, коментира за „Дојче Веле“ Торстен Фрај од ЦДУ-ЦСУ.