Тотенхем го демонтираше Евертон, Челзи без голови со Лестер

Во последниот натпревар од саботната програма на англиската Премиер лига, фудбалерите на Тотенхем со 4:0 на „Вембли“ го совладаа Евертони, додека Челзи претходно на својот „Стемфорд Бриџ“ против Лестер одигра 0:0.

Погодоците за Тотенхем ги постигнаа Сон Хеунг-мин во 26, Хари Кејн во 47 и 59 и Кристијан Ериксен во 81 минута. Тотенхем е петти на првенствената табела со 44 бодови колку што има и четвртопласираниот Ливерпул но со меч помалку, додека Евертон со 27 бодови остана на деветтото место.

Алан Пардју ја забележа првата победа на клупата на Вест Бромвич Албион по девет кола, но дојде до важни бодови во борбата за опстанок. ВБА со 2:0 го совлада дебитантот во лигата Брајтон едн Хоув Албион, а головите ги постигнаа Ивенс во 4 и Даусон во 55 минута. ВБА и натаму е претпоследен 19-ти но сега има 19 бодови и фати приклучок со екипите кои се борат за опстанок, додека БХА, исто така, остана на 15-то место со 23 бодови.

Ватвфорд губеше со 0:2 од Саутемптон откако во првото полувреме во 20 и 44 минута погоди Џејмс Вард-Проус. Андре Греј во 58 минута намали а конечните 2:2 го постигна Абдулаи Дукур во 90 минута. Играчите на Саутемптон протестира дека Дукур играл притоа со рака, но судијата не ја промени одлуката. Ватфорд е на 10-место со 26 бодови, додека Саутемптон е во загрозената група екипи, на 16-та позиција со 21 бод.

Кристал Палас повторно се поткачи на табелата, откако го совлада дома Барнли со 1:0, а стрелец на победничкиот гол беше Бакари Сако во 21 минута. Кристал Палас сега е 12-ти со 25 бодови, а Барнли остана на 7-то место со 34 бодови, пет помалку од Арсенал кој има и меч помалку, и три бода повеќе од Лестер.

И Вест Хем Јунајтед се оддалечува од опасната зона. На гости го совлада Хадерсфилд Таун со 4:1, и ова е само втората победа на „чеканите“ на гости сезонава. Стрелец за домашните беше во 40 минута Лоли, додека Нобл во 25 минута ги доведе гостите во водство а потоа Марко Арнаутовиќ погоди во 46 минута, а беше асистент на уште два погодока, а Мануел Ланцини беше двоен стрелец во 56 и 61 минута. Вест Хем се искачи на 11–то место со 25 бодови, минувајќи го на табелата Хадерсфилд кој сега е 13-ти со 24 бодови.

Во неделата се игра дербито на колото во коешто Ливерпул го пречекува водечкиот и досега непоразениот сезонава во првенството Манчестер Сити.