Тотенхем подобар од Јунајтед, Борнмут го шокираше Челзи

Во дербито на 25-то коло на англиското фудбалско првенство Тотенхем на тревникот во лондонскиот фудбалски храм „Вембли“ со 2:0 го совлада Манчестер Јунејтед, а изненадувањето на колото во другиот крај на британската престолнина го приреди Борнмут кој на „Стемфорд Бриџ“ со 3:0 го шокираше актуелниот шампион Челзи.

Тотенхем ги начна „црвените ѓаволи“ уште во 11 секунда од мечот со голот на Кристијан Ериксен, што е вториот најбрз погодок во Премиер лигата. Рекордот му припаѓа, исто така, на играч на Тотенхем, Ледли Кинг кој во декември 2000 година на средбата со Брадфорд Сити погоди во 10 секунда.

За 2:0 во 28 минута погоди Фил Џонс во сопствената мрежа. Киеран Трипие нафрли од десната страна на Џонс со несмасна реакција го совлада својот голман. За Манчестер Јунајтед настапи Алескис Санчез кој оваа седмица дојде од Арсенал.

Мечот на „Вембли“ го следеа 81.978 гледачи, што е нов рекорд на Премиер лигата.

Борнмут првпат во својата историја на еден клуб од „големата шестка“, којашто ја сочинуваат Манчестер Јуанјтед, Ливерпул, Арсенал, Тотенхем, Челзи и Манчестер Сити, му даде три гола на не гостување. Стрелци беа Калам Вилсон во 51, Жуниор Станислас во 64 и Натан Ејк во 67 минута.

Манчестер Сити рутински го одработи дуелот со Вест Бромвич Албуион, победувајќи со 3:0, а стрелци беа Фернандињо во 19, Кевин де Брујне во 69 и Серхуо Агуеро во 89 минута. Сити, така, сега има 15 бодови предност пред градскиот ривал Јунајтед на втората позиција на табелата.

Евертон го победи Лестер Сити со 2:1, а средбата ја одбележа големото постигнување на Сем Алардајс кога го водеше 1.000-от меч во кариерата во којашто забележа 389 победи со 263 нерешени исходи и 348 порази. Победата на Евертон му ја донесе двојниот стрелец Тео Волкот во 25 и 39 минута, додека за гостите погоди Џејми вАрди од пенал во 71 минута.

Другите три меча во средата завршија без победник. Њукасл Јунајтед и Барнили одиграа 1:1, домашните поведоа во 65 минута преку Лескалје, а во 85 минута автогол си постигна Дарлоу. Со ист резултат заврши и дуелот меѓу Саутемптон и Брајтон, во кој гостите поведоа во 14 минута од пенал преку Мареј, а домашните израмнија со голот на Стефенс во 64 минута. Стоук Сити и Ватфорд одиграа без голови.

На табелата води Манчестер Сити со 68 бодови, Манчестер Јунајтед е втор со 53 бода, Ливерпул е трет со 50 бодови, колку што има и четвртиот Челзи, а сега петти е Тотенхем со 48 бодови.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.