Тотенхем со победа се прости од „Вајт Харт Лејн“

Фудбалерите на Тотенхем Хотспур во последниот натпревар како домаќини на стадионот „Вајт Харт Лејн“ во историјата го совладаа Манчестер Јунајтед со 2:1 (1:0) во средбата од 37-то коло на англиската Премиер лига.

Домаќините поведоа со головите на Ванјама во 6 и Кин во 48 минута, додека на гостите надежите им ги врати Руни во 71 минута.

Тотенхем на „Вајт Харт Лејн“ играше од 1899 година, но клубот во непосредна близина овој стадион започна да гради нов објект кој ќе има речиси двојно поголем капацитет, а на кој ќе се пресели на почетокот од сезоната 2018/2019 година, Следната сезона „петлите“ своите домашни натпревари ќе ги играат на „Вембли“.

Тотенхем е сигурен на второто место на табелата со 80 бодови, седум помалку од Челзи кој ја обезбеди шампионската титула, а седум повеќе од третиот Ливерпул кој претходно во неделата како гостин го надигра Вест Хем Јунајтед со 4:0 (1:0).

Головите за Ливерпул ги постигнаа Стариџ во 35, Коутињо во 57 и 61, и Ориџи во 76 минута.

Играчите на Хал Сити испаднаа од лигата откако во мечот од претпоследното коло се поразени на гости од Кристал Палас со 0:4 (0:2). Кристал Палас во решавачкиот меч за опстанок целосно ја надигра екипата на Хал и славеше со головите на Зака во 3, Бентеке во 34, Миливојевиќ во 85 од пенал и Ван Аанхолт во 90 минута.

Домаќините со победата си обезбедија опстанок, додека Хал им се придружи на Сандерленд и на Мидлзборо кои ја напуштаат елитата. Хал пред последното коло има четири бодови помалку од Свонси, па по овој исход им олесни и на Велшаните.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.