Тоти повторно ќе го облече репрезентативниот дрес на Италија

Легендарниот капитен на римската „волчица“, Франческо Тоти, откри дека со големо задоволство ќе ја прифати евентуалната покана за повторно да го облече репрезентативниот дрес на Италија и да настапи на престојниот Мундијал во Бразил.

„Ќе бидам многу горд на таа покана. Ќе бидам пресреќен, само еднаш се добива шанса да играш за Италија и тоа на Мундијалот во Бразил. Сепак, јас веќе кажав дека најважно од се’ е да видам во каква психолошка состојба ќе бидам на крајот од актуелната сезона. Дали сум во добра или не. Тоа е најважно. Би сакал Италија да биде дел од финалниот натпревар. Мислам дека имаме доволно квалитетна репрезентација, дека го има потребниот капацитет. Во најлош случај, Италија мора да избори пласман во полуфиналната рунда. Да сум јас селектор на Италија, покана ќе им испратам на моите соиграчи Дестро и Флоренци. Двајцата играат во топ-форма и можат да ја направат потребната разлика“, изјави Тоти.