Магазин

Традиционална изложба за Велигден во „Кочо Рацин“

Традиционална изложба за Велигден во „Кочо Рацин“

Вечер, на 17. април ( четврток), во 20 часот во големиот салон на Галерија “КО-РА” во ЈУ Дом на култура “Кочо Рацин” – Скопје ќе се отвори изложбата насловена „На Велигден на благден”, што традиционално, секоја година се одржува во чест на одбележувањето на еден од најголемите христијански празници – Велигден.

Инспирирани од богатата духовна и сакрална ризница, по трагите на културната историја, а во релација со современиот ликовен израз, во повеќе ликовни техники – по слободен избор, (графика, масло на платно, комбинирана техника, цртеж, илустрација, скулптура, инсталација…) се очекува учеството на повеќе ликовни уметници од Р.Македонија и од соседството, претставници од повеќе генерации со што се акцентира и духот на колективното, духот на заедништвото во чествувањето на големиот христијански празник.

По повод свеченото отворање на изложбата ќе настапи и хорот „ХМД Кочо Рацин” – од Скопје под диригентската палка на Марија Андонова, којашто ќе исполни повеќе литургиски теми во духот на традицијата: „Хвалите Господа” од ДС Бортњански, „Отца и Сина – дел од Златоуста литургија од Атанас Бадев и други. На изложбата се очекува да бидат застапени и дел од учесниците кои, во организација на ЈУ Домот на култура „Кочо Рацин“ од Скопје во соработка со Културното македонско друштво „Македонија” од Сплит, со свои дела на тема “На Велигден на Благден” се претставија и надвор од РМакедонија, и тоа во РХрватска, во 2013 г. ( Сплит, Задар…),со што се одбележаа и Деновите на македонската култура во Сплит.

Оваа тематска изложба е во рамките на програмските активности на ЈУ Домот на култура „Кочо Рацин”- Скопје, со коишто се негува и се афирмира македонската културна и духовна историја со навраќање кон корените и почитување на обичаите и вредностите на минатото, втемелени во идентитетот на секој народ.